На СП 2014 првпат беше употребена технологијата за гол-линијата, четири години подоцна дебитира ВАР, а сега во употреба на СП ќе биде и полуавтоматската технологија за офсајд. Со комбинирање на податоците и примена на вештачка интелигенција, новата технологија обезбедува автоматско предупредување за офсајд

ФУДБАЛ

Полуавтоматската технологија за офсајд ќе се користи на Светското првенство (СП) во фудбал, нудејќи алатка за поддршка за официјалните лица во видеособата и официјалните лица на теренот за да им помогне да направат побрзи и попрецизни одлуки за офсајд. По успешната употреба на системот видеопомошник-судија (ВАР) на Светското првенство во Русија во 2018 година, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, во Визијата 2020-2023 изјави дека ФИФА ќе се стреми да го искористи целосниот потенцијал на технологијата во фудбалот и дополнително да го подобри ВАР, а потоа ФИФА навистина продолжи да биде со најсовремената технологија во играта, пишува ФИФА на својата интернет-страница. На СП 2014 првпат беше употребена технологијата за гол-линијата, четири години подоцна дебитира ВАР, а сега во употреба на СП ќе биде и полуавтоматската технологија за офсајд.
– ВАР веќе имаше многу позитивно влијание врз фудбалот и можеме да видиме дека бројот на големи грешки веќе е драстично намален. Очекуваме дека полуавтоматската технологија за офсајд може да нѐ однесе чекор понатаму. Свесни сме дека понекогаш процесот за проверка на можен офсајд трае предолго, особено кога инцидентот од офсајд е многу тесен. Тука доаѓа полуавтоматската технологија за офсајд, за да понуди побрзи и попрецизни одлуки – ја пренесува ФИФА изјавата на Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА.

Новата технологија користи 12 посебни камери за следење, поставени под покривот на стадионот за следење на топката и до 29 точки за податоци на секој поединечен фудбалер, 50 пати во секунда, пресметувајќи ја нивната точна позиција на теренот. Собраните податоци ги вклучуваат сите екстремитети и екстремитетите што се релевантни за остварување офсајд-одлуки. Во топката ќе биде поставен сензор за инерцијална мерна единица (ИМУ), кој, позициониран во центарот на топката, ќе испраќа податоци за топката 500 пати во секунда, овозможувајќи многу прецизно откривање на точката за удар.
Со комбинирање на податоците и примена на вештачка интелигенција, новата технологија обезбедува автоматско предупредување за офсајд до официјалните лица секогаш кога топката ќе ја прими напаѓач што во моментот бил во офсајд-позиција кога топката ја упатил негов соиграч. Пред да го информираат судијата на теренот, официјалните лица во видеособата ја потврдуваат предложената одлука со рачна проверка на автоматски избраната точка за удар и автоматски креираната линија за офсајд, која се заснова на пресметаните позиции на играчите. Овој процес се случува во рок од неколку секунди и значи дека одлуките за офсајд може да се носат побрзо и попрецизно.
Откако одлуката ќе биде потврдена, се генерира 3Д-анимација што совршено ја детализира положбата на играчите и која потоа ќе биде прикажана на големите екрани на стадионот и ќе биде достапна и за ТВ.