Советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак денеска го обвини шефот на руската дипломатија,Сергеј Лавров, дека го спречува мирот во Украина, откако шефот на руската дипломатија изјави дека Киев го одложува решавањето на конфликтот.
– Руската Федерација е таа што ја нападна Украина. Руската Федерација ги гранатира нашите градови. Руската Федерација врши геноцид со уништување на енергетската инфраструктура. Но, Украина го продолжува конфликтот? Војната продолжува само поради јавната манипулација на Лавров и неподготвеноста да го запре убиството – напиша Подољак на Твитер.
Лавров претходно денеска најави дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц за конфликтот во Украина и дека им го привлекол вниманието на фактот дека Киев го одложува секое можно решение.
Претходно денеска, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање ги повика учесниците на самитот Г20, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг, да ја усвојат украинската мировна формула од 10 точки и да ја завршат војната „праведно и врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“.
Шефот на руската дипломатија во своето денешно обраќање пред новинарите нагласи дека Украина одбива да разговара со Москва и предлага нереални услови за мир.
Лавров изјави дека Зеленски „не ги слуша советите од Западот за преговорите со Русија“ и дека неговата реторика кога им се обраќа на лидерите на Г-20 е „русофобична и агресивна“, наведувајќи дека Москва не се откажува од преговорите со Киев.