Најголемата сцена е и место за најголеми дострели, настан на кој се раѓаат и нови ѕвезди, натпреварување на кое е одигран мечот на столетието, постигнат е гол на векот, направена е одбраната на векот, поставени се многу рекорди… Многу фудбалери и селектори, покрај за трофеите, екипни и индивидуални, на СП 2022 ќе можат да играат и за влез во книгите со рекорди на мундијалите во многу категории. Титулата ја брани двократниот светски првак Франција, а во конкуренција за вредниот трофеј се уште 31 репрезентација, меѓу нив уште шест од досегашните осум светски прваци. Наградниот фонд е рекордни 440 милиони долари (за идниот првак 42 милиони). Третпат во низа на мундијалите ќе дебитира нова технологија

В НЕДЕЛА ВО КАТАР ПОЧНУВА 22-ОТ МУНДИЈАЛ

„Светското првенство е многу важен начин да се измерат добрите играчи и големите. Тоа е тест за голем фудбалер“, рекол своевремено Бразилецот Пеле, најуспешниот фудбалер на светските првенства (СП) со три титули, опишувајќи го настанот што се игра секои четири години. Светското првенство ќе го има своето 22. издание од недела до 18 декември во Катар. Така, „кралот на фудбалот“ најавува што ќе се случува и на СП 2022, на кое титулата ќе ја брани двократниот светски првак Франција. Во конкуренција за вредниот трофеј се уште 31 репрезентација, меѓу нив уште шест од досегашните осум светски прваци, а меѓу нив, пак, најтрофејниот, Бразил, со пет титули, потоа Германија со четири, Уругвај и Аргентина со по две и Англија и Шпанија со по една.
Најголемата сцена е и место за најголеми дострели, настан на кој се раѓаат и нови ѕвезди, натпреварување на кое е одигран мечот на столетието (полуфинале на СП 1970, Германија – Италија), постигнат е гол на векот (Диего Марадона во четврт-финалето на СП 1986 против Англија), направена е одбраната на векот (Англичанецот Гордон Бенкс по одбраната на ударот на Пеле на дуелот со Бразил на СП 1970), поставени се многу рекорди (на пример, за најмногу гледачи, на финалето на СП 1950, на стадионот „Маракана“ имало 199.854 гледачи)… Многу фудбалери и селектори, покрај за трофеите, екипни и индивидуални, на СП 2022 ќе можат да играат и за влез во книгите со рекорди на мундијалите во многу категории.
Само Бразил досега играл на сите светски првенства и е најтрофеен и со најмногу победи на мечевите на СП. Дебитант на планетарните шампионати е актуелниот фудбалски првак на Азија, репрезентацијата на Катар, која е 80-та репрезентација што ќе настапи на светските првенства. Од другите континентални шампиони на СП 2022 ќе играат и Аргентина (првак на Јужна Америка), САД (Северна Америка) и Сенегал (Африка).

Третпат во низа на мундијалите ќе дебитира нова технологија. Откако на СП 2014 првпат беше употребена технологијата за гол-линијата, а четири години подоцна системот видеопомошник-судија (ВАР), сега судиите на мечевите ќе имаат помош и од полуавтоматскиот систем за одредување офсајд.
СП 2022 ќе биде првиот мундијал што ќе се игра на Блискиот Исток, втор во Азија (претходно во 2002 година во Јужна Кореја и во Јапонија) и последниот на кој ќе настапат 32 репрезентации. Од следниот планетарен шампионат, во 2026 година во САД, Канада и во Мексико, на светските првенства ќе играат по 48 селекции. Македонската репрезентација во овој циклус стигна најдалеку во обидот да се пласира и на СП (на ЕП дебитира лани), откако во квалификациската група првпат го освои второто место во една квалификациска група, заигра во баражот, во кој во полуфиналето го победи актуелниот европски првак Италија, а во финалето загуби од Португалија, двата меча на гости.
Европа, која во трката меѓу континентите е најуспешна со 12 титули (Јужна Америка има девет) ќе има 13 репрезентации, Азија шест, Африка пет, а по четири селекции Јужна и Северна Америка. Без претставник е Океанија.
Наградниот фонд изнесува рекордни 440 милиони долари, 40 повеќе од минатото СП. Од тоа за идниот првак се предвидени 42 милиони, вицешампионот ќе освои 30 милиони, третопласираниот 27, четвртопласираната репрезентација 25, селекциите што ќе загубат во четврт-финалето по 17, репрезентациите што ќе бидат елиминирани во осминафиналето по 13, а тие што ќе играат само во групната фаза ќе заработат по девет милиони долари. За секоја репрезентација има и по 1,5 милион долари за подготовки.


Ќе играат добитници на многу индивидуални награди

На Светското првенство (СП) во Катар ќе играат и добитникот на годинашната „златна топка“ за најдобар фудбалер во светот во избор на францускиот магазин „Франс фудбал“ и прв стрелец на ЛШ лани, Карим Бензема од Франција, добитникот на „златната топка“ на СП 2018, Лука Модриќ од Хрватска, најдобриот стрелец на тоа СП, Хари Кејн од Англија, Роберт Левандовски од Полска, добитник на наградата „најдобар“ во изборот на ФИФА за 2021 година… Ќе настапат и другите добитници на „златната топка“ на „Франс фудбал“ од 2008 година досега (Модриќ, Лионел Меси од Аргентина и Кристијано Роналдо од Португалија), потоа сите наградени годинава од „Франс фудбал“, Шпанецот Гави (најдобар млад фудбалер), Белгиецот Тибо Куртоа (најдобар голман), Левандовски (најдобар стрелец)…