Фото: ССКЛ/ЗКЛМ

Државната компанија бара осум контролори за летање, а селекцијата и прегледите ги поминале 12 од 250-те пријавени, но нивната обука никако да почне

Иако завршила селекцијата на кандидати за контролори на летање во државната М-НАВ, и ја поминале дванаесет од 250 пријавени, нивната обука уште не е почната. Компанија на која Македонија ѝ делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава уште не потпишала да почне обуката избраните кандидати, иако за изборот била задолжена лиценцирана фирма од Данска. Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), кој го надгледува процесот на избор, како што вели претседателот Александар Тасевски, се сомнева дека дел од менаџментот на М-НАВ сака да го поништи изборот.
– Ние во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички финкционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Така не само што ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), туку и можно е да треба да плаќаме пенали. Знаете колку одговорна работа има контролорот на летање. Од неа зависат животи – вели Тасевски.

Компанијата бара осум контролори за летање, а селекцијата и прегледите ги поминале 12 од 250-те пријавени.
Синдикатот и Здружението на контролорирте на летање на Македонија (ЗКЛМ) пратиле допис до компанијата М-НАВ во кој бараат да почне до 7 ноември и во кое ја посочуваат одговорноста од последниците за нејзиното неспроведување навреме.

-Факт е дека директорите ја кочат целата постапка, измислувајќи разно-разни причини за пролонгирање кои не само што не се оправдани, туку ниту еднаш не ги запазија кога вработуваа други вработени по администрација кај нас во фирмава, и тоа со рокови од 3 дена за поднесување на документи. До сега директорите имале повеќе од пет состаноци на кои не успеаа да донесат одлука за отпочнување на школувањето – вели Тасевски.

Тој додава дека доколку не се испратат на обука селектираните кандидати, понискиот ешалон на менаџментот (главен инструктор, раководители на одделенија, експерти и слично) има намера да си даде оставки, бидејќи не сакаат да учествуваат во заобиколување на алатката за избор на кандидати за контролори на летање. Со таа алатка, меѓу другото, при селекцијата се полагало на вежби кои ги дава Еуроконтрол.

Наташа Мијат Крстевска, претседателка на Здружението на контролорите на летање на Македонија, вели дека како членови на Еуроконтрол, треба да се водиме по нивните стандарди.

-Сакаме и така и да остане во иднина. Затоа сме го избрале FEAST-тестот за селекција на нови кандидати, кој е тест дизајниран од Еуроконтрол. Загрижени сме за нашата репутација не само кај домашните корисници и идни контролори на летање, туку и пред меѓународните воздухопловни тела чии стандарди и препораки се трудиме да ги имплементираме – вели Крстевска.

Доколку не заврши успешно процесот на подготовка за работа на нови контролори, ССКЛ и ЗКЛМ најавуваат барање за разрешување на директорите од нивните функции.

-Тоа ќе биде поради штетите што би се нанеле на компанијата, а посебно за оваа која е од очигледна лична природа – додава Тасевски.

За тоа што случува со селекцијата и обуката, како и за сите обвинувања и прашања на ССКЛ и ЗКЛМ на 8 ноември и телефонски и преку електронска пошта побаравме одговор од Фахрудин Хамиди, претседател на Управен одбор на М-НАВ и директор на Контрола на летање. Штом ќе го добиеме – веднаш ќе го објавиме. Н.Б.З.

М-НАВ наспроти Синдикатот: Процесот за контролори на летање се очекува да заврши наскоро во предвидениот рок