На СП ќе бидат поделени 31 директна квота за Летните параолимписки игри во Париз во 2024 година, од кои 12 во пиштолски дисциплини, каде што настапуваат македонските стрелци
СТРЕЛАШТВО – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ОАЕ
Македонските параолимпијци во стрелаштво, Оливера Наковска-Бикова, Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски, предводени од нивниот тренер и селектор и поранешен параолимпиец Бранимир Јовановски, како и од асистентот и тим-лидер Драган Дојчиноски, се дел од Светското првенство (СП), кое до 18 ноември ќе се одржува во Ал Аин, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). На СП учествуваат 267 стрелци од 54 држави од сите континенти, во 27 спортски дисциплини, што го прави најмасовно СП во историјата на овој спорт.
– На СП ќе бидат поделени 31 директна квота за Летните параолимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, од кои 12 во пиштолски дисциплини, каде што настапуваат македонските стрелци. Прва на СП вчера требаше да настапи Наковска-Бикова во прецизна стрелба, а денеска во брза стрелба во дисциплината П3-спорт пиштол на 25 метри. Доколку се пласира меѓу првите осум натпреварувачи, истиот ден ќе настапи и во финалето, а тоа би требало да ѝ обезбеди и директна квота за ПОИ 2024. Во оваа дисциплина ќе бидат поделени три квоти од кои една на првопласираниот натпреварувач без оглед на пол и две квоти на двете најдобро пласирани жени, под услов да стрелаат над 540 круга – вели Бранимир Јовановски.
Јовановски е оптимист што се однесува до настапот на македонските репрезентативци и покрај силната конкуренција.
– Се подготвувавме сериозно за ова СП, а целта е да се вмешаме во борба за директни квоти за ПОИ 2024. Во дисциплина П1-воздушен пиштол, мажи, има две квоти, првите двајца на листата, во дисциплина П2-воздушен пиштол, жени, исто така, има две квоти, односно добиваат двајцата првопласирани. Во дисциплината П3-спорт пиштол од 25 м, има три квоти, за најдобро пласираните две жени и уште една т.н. џендер-фри (gender-free). Во дисциплина П4-пиштол слободен избор од 50 м, има пет квоти, по две добиваат најдобропласирани мажи и жени и уште една џендер-фри квота. Да појаснам, ова џендер-фри е поради тоа што во тие две дисциплини се натпреваруваат и мажи и жени – мешано, така што таа квота оди на најдобро пласираниот без оглед на полот, откако ќе се доделат претходните квоти по пол – изјави селекторот Јовановски.
Најголем македонски адут е Оливера Наковска-Бикова, која на СП настапила шест пати и освоила три сребра и една бронза во поединечна конкуренција, додека едно сребро и една бронза во екипна конкуренција. Ванчо Каранфилов настапил на осум СП и освоил две бронзи.
– Александар Јовановски е млад стрелец од кого допрва се очекува освојување голем број медали на домашен и на меѓународен план. Има учествувано на две СП, а најголем успех му е бронзениот екипен медал од меѓународното првенство на Хановер во 2018 година – вели Јовановски. Г.И.