Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Филип Петрески

Синузитис претставува воспаление на слузокожата која ги обвиткува синусните празнини. Многу научници го поистоветуваат со терминот риносинузитис, бидејќи речиси секогаш покрај воспаление на слузокожата на синусите, постои воспалителен процес и на слузокожата од носот. Синузитисот може да биде: акутен (до 6 седмици), субакутен (6-12 седмици) и со хроничен тек (над 12 седмици)

Епидемиологија
Во САД има 16 милиони амбулантски случаеви со синузитис како дијагноза на годишно ниво. Синузитисот го има секој седми човек во САД, со повеќе од 30 милиони ново дијагностицирани секоја година. Синузитисот е најчест во годишните периоди рана есен, до рана пролет. Кај децата со горно респираторни вирусни инфекции , 6-13% од нив се со компликација акутен бактериски синузитис. Инфекциите од синузитис кај женската популација се почести наспроти машката популација. Се смета дека причина за тоа е што жените имаат поблизок контакт до нивните мали деца. Но најголемата инциденца на синузитис во однос на возраста е помеѓу 45-64 години.

Д-р Филип Петрески / Фото: Приватна архива

Анатомија
Синусите суштински претставуваат коскени празнини во черепот кои се обвиткани со мукозна слузокожа. Постојат 5 коскени синусни празнини во черепот на човекот. И тоа: фронтални синуси (синуси на челото), максиларни синуси (во пределот над горната вилица), параназални (странично од носот), и етмоидални и сфеноидални којшто се сместени подлабоко помеѓу лицевите коски од главата. Инфекциите на етмоидалните синуси се генерално ретки, а најмногу ги има во доенечката возраст и клинички се манифестираат со отекување и протрузија на очното јаболко од доенчето. Воспалението на фронталните синуси е почесто кај деца во претшколска и школска возраст , но ги има и кај возрасни. Меѓутоа најчести инфекции кај возрасни а и воопшто е инфекцијата на максиларните и параназалните синуси, и поради тоа главен симптом е назална конгестија (односно затнување на дишните патишта).

Патофизиологија
Се смета дека три механизми се клучни за настанување на синусната инфекција:

1. Обструкција на синусните канали и компромитирано дренирање на секретот од нив
• инфективни причини, ринитис (отекување на мукозата од носот а со тоа и на отворите на синусите).
• механички (назални полипи, страни тела, вродена или стекната девијација на назална преграда, тумори и сл).

2. Намалена функција на цилиите од мукозата од синусите:
• може да биде поради бактериски токсини (повторувачки инфекции), ладен воздух, конгенитални малформации (Картагенеров синдром).

3. Зголемена продукција на мукозна слуз:
• поради зголемена продукција на мукозен секрет поради инфекција на слузницата настанува блокада и понатамошна инфекција на синусите

Етиологија
Вирусен синузитис: Риновирус, вирусот на инфлуенца А и Б, параинфлуенца се примарни патогени кај 3-15% од пациентите со акутен синузитис. 0.5-2% од тие случаи на вирусен синузитис прогредираат кон бактериска суперинфекција.
Бактериски синузитис: Најчесто настануваат како компликација на претходни вирусни инфекции, но како причини можат да бидат и и алергии, траума, неоплазми, забни инфекции, анатомски варијации и сл. Начести б актерии соеви предизвикувачи на синузитис се: стрептококус пневмонија (streptococcus pneumonia), хемофилус инфлуенца (haemophilus influenza), мораксела катархалис (moraxella catarrhalis), стефалококус пиогенес(streptococcus pyogenes), стафилококус ауреус(staphylococcus aureus).
Псевдомонас аерогиноса (pseudomonas.aeroginosa) е најчест причинител на болнички стекнат акутен синузитис (кај најчесто имунокомпромитирани пациенти со назални канили и катетри)

Симптоми
• Црвенило на носот образите и очите.
• Болка во лицето особено во образите која се шири кон коренот на забите и се влошува при допир или наведнување на главата надолу.
• Болка во темето на главата, слепоочницата и горниот дел од вратот.
• Назална конгестија (затнат нос)
• Зголемена секреција од носот
• Фацијална болка
• Намален чуство за мирис (хипоосмија)

Симптоми којшто најверојатно укажуваат на синузитис од бактериско потекло се:
• Фацијална болка (особено на една страна од лицето)
• Намалено или целосно изгубен мирис (хипоосмија/аносмија)
• Затнат нос
• Покачена телесна температура
• Кашлица
• Замор
• Болка во забите
• Притисок во ушите
На бактериски синузитис исто така би се сомневале доколку симптомите траат повеќе од 10 дена и/или има влошување на постоечките симптоми.

Фото: Пиксабеј

Дијагноза
Се воспоставува врз база на клинички наоди. Некогаш можат да се направат и дополнителни испитување како што се: биопсија на синуси, назална цитологија, тестови за имунодефицитарност, цистична фиброза и сл.
Назалната цитологија како метода е корисна за диференцијална дијагноза на други заболувања како што се: алергиски ринитис, еозинофилија, назални полипи, осетливост на „аспирин“.

Терапија
Терапијата кај синузитот се состои од примарна цел дренирање на синусните празнини. Тоа може да се прави со: хирушки третман (пункција на синуси), и медикаментозен третман. Медикаментозниот третман се состои од:

1. Симптоматски

• Орални алфа-адренергични вазоконстриктори (pseudoefedrine и phenylephrine) 10-14 дена
• Локални вазоконстриктори (пр. oxymetazoline hydrochloride) 3 до 5 дена.

2. Емпириски
Антибиотски третман се вклучува при сомнение за бактериска синусна инфекција и трае 14 дена.
Антибиотици од прва линија се:
• Амоксицилин
• Кларитромицин
• Азитромицин

Антибиотици од втора линија се:
• Амоксицилин-клавулонска киселина
• Втора или трета генерација на цефалоспорини
• Флуорокинолони
• Клиндамицин

Индикација за антибиотски третман од втора линија е:
• Резистентни соеви на прволиниските антибиотици во одредени географски подрачја.
• Кога нема подобрување на симптомите во наредните 48-72 часа после антибиотскиот третман.
• Кога има симптоми и после 14 дена со антибиотски третман од прва линија.

Како супортивна терапија на горенаведената може да се вклучи:
• Инхалации.
• Ставање на топли облоги во пределот на синусите (не на очите).
• Прекин на пушењето.
• Употреба на ненаркотични аналгетици.
• Балансирана исхрана.

Користена литература