Фпто: јутуб

Во Египет започнува клучната климатска конференција на Обединетите нации во услови на геополитички тензии и низа меѓусебно поврзани кризи, кои ги намалуваат очекувањата за голем напредок, пишува германската агенција ДПА.

Двонеделниот настан COP27 се одржува во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на Црвеното Море, во време на војна во Украина, која, пак, доведе до зголемени цени на храната и енергијата.

Конференцијата се одржува и откако климатските катастрофи однесоа огромен број животи на повеќе локации низ светот.

Претставници од околу 200 земји ќе разговараат како да се спречи натамошното глобално затоплување и како да се финансира поправката на штетите предизвикани од климатските промени.

Развиените земји во 2009 година се обврзаа да обезбедуваат 100 милијарди американски долари годишно за заштита на климата во посиромашните земји до 2020 година. Оваа обврска во голема мера останува неисполнета.

На состанокот ќе се разговара и за тоа како глобалното затоплување може да се ограничи на пораст на температурата за 1,5 степени Целзиусови, што е целта на Парискиот договор од 2015 година.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш претходно оваа недела предупреди на неуспехот да се постават амбициозните цели потребни за борба против климатските промени.

– Еден и пол степен, тој е на интензивна нега, а машините се тресат. Затоа тој е во голема опасност – изјави Гутереш.

Египет го промовираше COP27 како самит за акција и ги предупреди климатските актери да не го менуваат своето мислење за претходните ветувања.

Утре почнува дводнавната средба на која ќе учествуваат околу 100 шефови на влади или држави.

На маргините на глобалните преговори, одредени денови на конференцијата ќе се занимаваат со посебни теми како што се финансиите, декарбонизацијата, водата, земјоделството и енергијата во однос на климатските промени.

Разговорите во Египет го претставуваат нивното враќање во Африка откако COP22 се одржа во 2016 година во Мароко, на северот на континентот.

Шарм ел Шеик, туристички и нуркачки центар, е речиси целосно реновиран за конференцијата, што вклучува воведување електрични автобуси на неговите зелени улици.