Трибунот Толстој (7)

Додека го пишував текстот за трибунот во староста, ми се наметна особената трибунска историја на Лав Николаевич Толстој, чие дело, тука, како и стотици милиони минати, сегашни и идни читатели, сосема би се согласил со судот на Набоков, е создадено од „најголемиот руски прозен писател“ (иако пак воопшто не можам да го прифатам Набоковото негирање на врвните уметнички остварувања на уште еден непремавнат книжевен великан – Достоевски): „…интересно е да се забележи дека Толстој, кој постојано беше свесен за сопствената личност, кој постојано се мешаше во животите на своите ликови, кој постојано му се обраќаше на читателот – интересно е да се забележи дека наспроти тоа, во неговите ремек-дела писателот е невидлив, па така го постигнува оној непристрасен идеал на сите книжевници, што Флобер така жестоко го бараше од секој писател: да се биде невидлив, а да се биде насекаде како господ во универзумот“. За Томас Ман, пак, Толстоевата проза е еден од несомнените врвови на севкупната светска книжевност: „Ретко уметноста дејствуваше исто како и природата; неговото силно само по себе разбирливо творештво само е уште еден лик на самата природа…“. Вирџинија Вулф ја истакнува Толстоевата надмоќ над истакнатите „домашни“ англиски раскажувачи од типот на Текери и Дикенс: „Толстој може да ги чита умовите на различни луѓе исто толку сигурно како што ние ги броиме копчињата на нивните капути, но овој подвиг никогаш не го задоволува; знаењето секогаш се пренесува низ мозокот на некој Олењин или Пјер или Левин, кој се обидува да погоди уште подалечна и потешка загатка…“.
И Ман, и Набоков, и Вулф, инаку со не толку блиски писателски сензибилитети и понекогаш со опозитни книжевни оцени, но сите страсни читатели и големи познавачи на литературата, се импресионирани од гигантската, неспоредлива толстоевска творечка моќ, што наспроти моралните принуди и рестрикции што си ги наметнува авторот, се интегрира во неговите дела не повредувајќи го нивниот чист и супериорен уметнички квалитет.
Оттаму тешко е и неприлично за еден таков книжевен гениј да се каже дека во староста создавал тенденциозни творби. Но остварувањата на Толстој од последниот период на неговиот живот (од „Кројцеровата соната“, „Воскрсение“ – за кое Александар Блок ќе каже дека е „тестамент на новиот век во заминување“ и извонредните раскази „Смртта на Иван Илич“ и „Отец Сергеј“ до басните) се одделуваат од претходните „Војна и мир“ и „Ана Каренина“, изнедрени за време на неговата зрелост, по нагласената потреба да се дејствува морално, дури во некои списи – „поучително“. Затоа уште подраматично изгледа неговиот судир со црквата, што се засилува во староста и особено со чинот на смртта.

(продолжува)