Градоначалникот на Гостивар и в.д. претседател на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, вечерва изјави дека ако не се изгласаат уставните измени, неизбежни ќе бидат предвремени парламентарни избори. Тој во интервју на Канал 5 реде дека се надева оти овој парламентарен состав ќе ги донесе уставните измени и дека ќе помине нивното барање од Уставот да се тргне формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“.
– Мислам дека ова прашање е веќе апсолвирано и дека има добро расположение и кај македонските и кај албанските партии. Мислам дека постои консензус за тоа. Не е достоинствено за било кој јазик да стои 20 проценти. Мислам дека е достоинствено да стои македонски и албански јазик, рече Таравари во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Според него, доколку не се изгласаат вакви уставни измени, Македонија ќе биде држава во која нема да има ни Македонци, ни Албанци, ниту други етнички заедници, бидејќи сите ќе се отселат.
– Ако не поминат уставните измени во овој парламентарен состав, тогаш мислам дека уште долг временски период ќе тапкаме во место и ќе бидеме држава во која нема да има ниту Македонци, ниту Албанци, ниту други етнички заедници бидејќи полека народот се иселува. Ако не поминат уставните измени, може да се случат и предвремени избори. Ако нема договор за уставните измени, мислам дека неизбежни се предвремените избори, подвлече Таравари.
Според него сегашниот Устав е, како што рече, крпен, и можеби треба да се размислува и за нов функционален Устав.