Новиот закон за виното е комплетно готов и веќе е доставен од работната група до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Завршија сите јавни дебати и 20 дена беше поставен на ЕНЕР каде немаше никакви коментари со што и таму заврши постапката и сега ќе влезе во владина и собраниска процедура, информира ресорниот министер Љупчо Николовски.
– Во новото законско решение за првпат е дефинирана производната цена во член 21 и член 22. Постапката ќе биде на база на методологија што ќе ја утврдува Министерството и на база на јавен повик кој ќе го распишува МЗШВ во првата половина на годината за избор на високонаучна установа или институт кои во соодветна јавна постапка ќе конкурираат за да ги пресметаат трошоците за производство на грозје и трошоците за производство на вино. На тој начин најстручно, најпрофесионално и најтранспарентно ќе биде утврдена производната цена на чинење на грозјето со вклучување на сите трошоци – рече Николовски во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Тој посочи дека пратениците во текот на расправата може да придонесат за збогатување на законското решение со цел да се донесе вистинско и квалитетно решение.
– Законот бара 25 проценти повисока цена од реалната производна цена што ќе биде утврдена од научната установа или институт, односно воспоставува инструменти со кои конкретно на сите откупувачи ќе им се проверува целокупната документација за нивните приходи и расходи и доколку имаат приходи кои се за 25 проценти поголеми од извозот или продажбата во однос на откупните цени ќе мора на лозарите да им понудат за 25 отсто повисоки цени од производните цени. Проценка ќе треба да се прави минимум за двете најзастапени сорти – смедеревката и вранецот – прецизира Николовски.
Додаде дека сите откупувачи и трговци за кои ќе се потврди дека после бербата од продажбата на виното оствариле приходи кои се поголеми од 25 проценти, а на лозарите не им ги обезбедиле минималните цени плус 25 проценти, нема да можат да ги користат финансиските инструменти на државата, односно програмите за финансиска поддршка за рурален развој и останатите мерки.
Лозарството и винарството, како што кажа, се стратешка гранка и заради тоа има континуиран раст на извозот во последните пет години.
– Годинава сме 29-та земја во светот по извоз на вино и сме втори во регионот веднаш после Грција и достигнавме рекордни над 60 милиони евра девизен приход од продажбата на македонското вино – рече Николовски.
Тој посочи дека за само две години се смени целокупната структура на извозот и додаде дека во последната година за една третина е зголемен капацитетот за извоз на флаширано наместо наливно вино.
-Активно работиме на препознатливоста на македонскиот бренд насекаде и на отворањето на нови пазари и затоа оваа година имаше мерки за поддршка на откупувачите и винариите кои се веќе комплетно исплатени. Оваа година првпат заедно со откупувачите и со лозарите заеднички утврдивме пакет за поддршка на извоз на македонското вино. Тоа ќе биде повеќегодишна програма преку која винариите кои извезуваат треба да отворат нови пазари и за тоа да бидат дополнително поддржани од државата. Таа мерка е веќе усвоена и веќе реализирана и исплатена и за наливно и за флаширано вино. Тоа се 148 милиони денари кои се веќе исплатени пред крајот на откупната сезона кон винариите и кон откупувачите кои се регистрирани во регистарот, посочи Николовски.
МЗШВ, како што кажа, прави анализи за мерките за сопственото грозје и производство на сопствено вино и други производи на лозарите и доколку останат средства во интервентниот фонд пред крајот на годината ќе бидат реализирани и тие и ќе добијат по 40.000 денари за производство по хектар.
-Покрај тоа државата им дава можност и за 10 илјади евра грант како од сопственото грозје да регистрираат сопствен капацитет во АХВ, да прават вино, да го продаваат од праг, да ги користат привилегиите од правилникот за флексибилност и да создаваме локални мали семејни бизниси, рече Николовски и додаде дека за само една година има нови 60 мали семејни винарии.
За оние кои ќе го преработуваат виното во сопствени капацитети премиерот Димитар Ковачевски вети дека при финалната распределба на Буџетот за 2022 година или програмата за 2023 година ќе треба да се предвидат средства и за нивна поддршка и рече дека станува збор за сума од 5,5 до шест милиони денари.
– Годинава се исплатени или ќе бидат доисплатени 13 милиони евра за лозаропроизводителите и за винариите и дополнително два денари по килограм кои ќе бидат исплатени во текот на 2023 година – потенцира Ковачевски.