Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста по седницата на Советот за национална безбедност рече дека утрово ги слушал барањата на претставниците на Србите од Косово и сето она со кое се соочуваат, „особено во пресрет пред истекот на ултиматумот кој им е даден на Србите од режимот во Приштина“, кога станува збор за пререгистрација на возилата, јави дописникот на МИА од Белград.
– Пред неколку дена добивме демарш, акт каде што ги примивме усогласените ставови на земјите од Квинта и ЕУ. Во тој акт, точка два од првиот дел, која се однесува на регистарските таблички, се вели дека треба да разбереме дека акцијата на Косово е легитимна и во согласност со договорот, дека е потребно Србите да имаат регистарски таблички РКС (Република Косово), бидејќи ние (Квинта и ЕУ) го поддржуваме независно Косово, но проблемот е во времето и методите, а тоа предизвикува нивна загриженост. И денеска и тој ден им кажав на претставниците на Квинта и на ЕУ дека тоа не е вистина и дека ја залажуваат јавноста, дека се работи за ноторни лаги. Тие немаат право на тоа според ниту еден договор – рече Вучиќ.
Според него, Приштина планира да ги пушти лицата со КМ таблички да излезат од територијата на Косово и Метохија во Централна Србија, па да не им дозволи да се вратат, бидејќи немаат РКС таблички.
– Да не им се дозволи повторно да влезат со тие таблички, тие едноставно не разбираат што произведуваат тогаш, затоа што мислат дека на територијата на Косово нема проблеми и дека тоа ќе биде лесна одлука и дека светот нема особено да им замери – рече Вучиќ.
Тој додаде дека акциите на Приштина ќе наидат на демократски отпор од српското население и дека Србија нема да дозволи прогон на српскиот народ.
Српскиот претседател зборуваше и за француско-германскиот предлог за Косово што и е понуден на Србија, осврнувајќи се на одредени негови точки. Во него, како што рече, се наведува дека страните се свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет се основни услови за мир и дека двете страни ќе се водат од целите и принципите на Повелбата на ОН.
– И се прашувате, дали некој се шегува или што? Бараат од нас да ги погазиме ОН и повелбата и принципите и резолуцијата 1244, за во иднина да го почитуваме она што тие не го направија во нашиот случај. Ако не, тогаш ќе ни следи тешко тепање – рече Вучиќ.
Зборувајќи за заклучоците на Советот за национална безбедност, Вучиќ рече дека е подготвен одговорот на француско-германскиот предлог. Тој истакна и дека Белград е подготвен да разговара за се.