Ако се земат предвид постојаните изјави за територијални претензии што доаѓаат од политичари што стануваат сериозен политички фактор во соседна Бугарија, повеќе од јасно е дека идејата за санстефанска Бугарија е далеку од мртва. Дека тоа е така покажуваат и активностите на терен, поточно отворањето таканаречени бугарски културни клубови и здруженија во Македонија именувани според личности што се залагале за големобугарските идеи
Релативизирањето на тенденциите за прекројувања на границите е влез во конфликт
Мапите со границите на големи држави повторно ги заживуваат сеништата на Балканот, без оглед што многумина ваквите провокативни манифестации ги релативизираат и ги толкуваат како нереални, поточно како обид да се привлече некакво внимание на политичката сцена.
Но кога на почвата на Европа беснее сериозен воен конфликт и кога веќе на некој начин се прекроија границите на една суверена европска држава, тогаш на ваквите провокации не треба да се гледа рамнодушно, туку секој ваков изблик треба внимателно да се анализира и благовремено да се реагира, оти во спротивно последиците можат да бидат погубни.
Имено, пред некој ден во видеообраќање на бугарски европратеник осамна картата на голема Бугарија, во чии граници беа опфатени делови на Србија, Албанија, Грција и цела Македонија.
Ако се земат предвид постојаните изјави за територијални претензии што доаѓаат од политичари што стануваат сериозен политички фактор во соседна Бугарија, повеќе од јасно е дека идејата за санстефанска Бугарија е далеку од мртва. Дека тоа е така покажуваат и активностите на терен, поточно отворањето таканаречени бугарски културни клубови и здруженија во Македонија именувани според личности што се залагале за големобугарските идеи.
– Должни сме да го заштитиме бугарскиот национален интерес во втората бугарска држава во Европа, Македонија, или како што е од скоро Северна Македонија – изјави неодамна од говорницата на бугарското Народно собрание Костадин Костадинов, пратеник на партијата Преродба, која станува сериозна политичка сила во Бугарија.
Ваквите изјави, во комбинација со повременото потсетување на картата на санстефанска Бугарија, само говорат дека идеите за една бугарска држава од Црно Море до Охрид и натаму се присутни, а нивната промоција станува сè поевидентна.
За волја на вистината, вакви мапи со големи држави на Балканот одвреме-навреме се појавуваа и во соседна Албанија, каде што повторно беа опфатени делови на Македонија. За промена на границите се зборуваше и во рамките на опциите за решавање на прашањето на Косово, а Турција и Грција се постојано на работ на инцидент токму околу граничните прашања во Егејско Море. Ако на сето ова се придодадат и повремените нонпејпери во кои отворено се говори за нови територијални прекројувања како конечна разврска на распадот на Југославија, тогаш повеќе од потребно е ваквите провокации внимателно да се следат и за нив навремено да се алармира.
Со релативизирање почна и Втората светска војна
Релативизирањето на опасноста од нови прекројувања на границите на Балканот, во фонот на војната во Украина, оди само во прилог на оние на кои тие идеи воопшто не им се туѓи и кои и натаму мечтаат за големи држави и работат за таа кауза.
– Не треба да се релативизираат работите и да се гледа рамнодушно на повременото пласирање мапи со големи држави, конкретно последниот случај со мапата на голема Бугарија. Да не се залажуваме дека тоа е случајно и дека го направил некој политички маргиналец што сака да привлече внимание. Тоа воопшто не е наивно, па дури и кога доаѓа од политички маргиналец. Сето ова е дел од едно подалечно сценарио што полека се реализира. Да не заборавиме дека токму со слично релативизирање почна и Втората светска војна, кога Британците и Французите на Германците им подарија области што, наводно, порано биле германски, не сметајќи дека припојувањето на овие територии може да доведе до некаква опасност. Така дојде до Втората светска војна. Затоа сметам дека воопшто не треба да се релативизира целата работа со мапата на санстефанска Бугарија. Штом си играте со оган, ќе се изгорите од него. Бугарите постојано си играат со таа мапа, а нас нè притискаат на постојани промени, нашите аспирации да бидат само Северна Македонија и ништо повеќе, да заборавиме дека сме имале историја претходно, да ја заборавиме етничка Македонија и со текот на времето нашите ученици воопшто да не знаат каде сè живееле Македонци. Во меѓувреме, Бугарите во нивното образование ја шират идејата дека Македонија е дел од Бугарија и дека некој ден треба да си ја присвојат таа територија – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, сонот за голема бугарска држава опстојал повеќе од 100 години и сè уште не е мртов, а тоа го гледаме и со последното оживување на имињата на личности во новоотворените бугарски културни клубови и здруженија во Македонија што работеле на големобугарската идеја.
– Сè додека Бугарија не се откаже од тој сон за санстефанска Бугарија и не ги признае македонската нација, јазик, историја и култура како посебни, таа нема да ја заборави таа карта и ќе продолжи да работи на нејзино остварување, барем во делот на Македонија. Секогаш тие ќе имаат аспирации кон оваа територија и ќе ја покажуваат и во иднина – категоричен е Чепреганов.
Тој смета дека објавувањето на мапите е со јасна порака, дека границите на Балканот секогаш можат да бидат одново прекроени во некој погоден момент.
– Границите, не само со случувањата во Украина, станаа менливи уште со Косово, Република Српска, БиХ, со сето она што се случи во поранешна Југославија. Реториката за неменливост на границите е само фраза на меѓународната заедница, која и самата ги крши сите меѓународни договори што постојат во однос на границите и сега играта е повторно поделба на интересни сфери. Границите стануваат менливи и веќе никој не може да гарантира за нив. Кој гарантира дека Албанците немаат аспирации кон Западна Македонија бидејќи се појавуваа, а и натаму се појавуваат и мапи со голема Албанија? Се разбира дека такви аспирации постојат, но Албанците тоа го прават многу суптилно – констатира Чепреганов.
За него би било европски трите засегнати влади по објавувањето на картата на санстефанска Бугарија заеднички да реагираат бидејќи се опфатени нивни територии.
– Би било издржано сите три министерства за надворешни работи на Македонија, на Албанија и на Грција да излезат со став околу претензиите на Бугарија. Тоа би било европски гест, да ѝ се покаже на Бугарија дека тоа што го прави не може да го прави – нагласува Чепреганов.
За првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, појавите на мапи и испадите преку кои се демонстрираат великобугарските аспирации, каков што беше оној на европратеникот Џамбаски, се дел од истото сценарио што доведе до распадот на поранешна Југославија.
– Европската Унија се соочува со растечки популизам и (најчесто десен) екстремизам, како што се испадите (или засега настапите) на бугарскиот пратеник Џамбаски, со великобугарски аспирации. Крајната десница победи во Италија, а се зголемува нивното парламентарно присуство и во Франција и во Германија. За однесувањето на Орбановата Унгарија и сличното на Полска и да не зборуваме. Се чини дека сега во ЕУ полека се случува тоа што беше карактеристично за распадот на Југославија, растечки национализми, истакнување на етничките посебности (и „големини“), нетолеранција кон „другите“ (кои и да се тие), зголемен говор на омраза и насилни испади. Тоа тогаш беше опишувано како „балканизација“ – секако во негативен контекст. Е сега, се чини проблемот стигна и во дворот на ЕУ и Унијата како сè уште да е затечена („како може ова нам да ни се случува“) и бара решенија низ демократските институции. Проблемот со тоа е што таквите решенија бараат време – нагласува Кржаловски.
Интересите пред сè
И додека Македонија молкум преминува преку хегемонистичките пројави од соседството, изненадува што немаше никаква реакција од соседна Грција, како ниту од Албанија, бидејќи со последната објавена мапа на санстефанска Бугарија се опфатени и територии од овие две земји.
Молкот може да наведува на два заклучока: првиот дека Грција и Албанија не ги сфаќаат сериозно провокациите што доаѓаат од Бугарија и вториот, многу поопасен за Македонија, дека и двете земји на некој начин од страна ги набљудуваат бугарските планови и чекаат погоден момент кога и тие да ги актуализираат сопствените големодржавни апетити.
– Грците си ја тераат својата приказна и нив воопшто не ги интересира што зборуваат Бугарите. Во грчките учебници секаде пишува „бугарски фашистички окупатор“, па Бугарите не реагираат и не ги тераат Грците да ги поправаат учебниците. Исто е и на спомениците. Бугарите молчат затоа што знаат дека Грција си има своја политика и си држи до тоа што е историјата, а претензиите секогаш ќе бидат присутни. Албанија исто се држи настрана, но не треба да исклучиме дека ако се укаже некаква можност, сите ќе постапат според своите интереси – истакнува Чепреганов.
Она што во овој момент држи некаков баланс во целата ситуација е цврстиот американски став за неменливост на границите на Балканот и во таа насока е нивниот силен дипломатски ангажман во регионот.
Од своја страна, Кржаловски констатира дека ЕУ и САД најпрво треба да ги средат работите дома, пред што било да преземат кај нас.
– Очигледно конвенционалните методи, како и учтивата дипломатија, веќе не се доволни да ги спречат ваквите тенденции и однесувања. Не верувам дека и САД може нешто повеќе да придонесат во тоа, бидејќи и кај нив е слична (дури и полоша) ситуацијата. Дали ЕУ (па и САД) ќе се „свестат“ навреме и ќе донесат соодветни мерки, пред сè да се справат со проблемот кај себе (па потоа тоа да е од помош и кај нас), останува да се види – вели Кржаловски.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека со објавувањето вакви мапи, станува збор за флагрантно кршење на суверенитетот на една земја и изразување отворени територијални претензии.
– ЕУ ако сакаше, имаше начини како да му застане на патот на ова провокативно однесување на Бугарија, но не го направи тоа. За ваквото изразување територијални претензии треба да ги запознаеме и Советот за безбедност на Обединетите нации – категоричен е Јањатов.
Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски, пак, смета дека на ваквите провокации Македонија треба да реагира кај Комисијата за антидискриминација во Бугарија и кај Комитетот за етика на Европскиот парламент.
– Секогаш треба да реагираме кога ќе се појави такво нешто како овие мапи и лично сметам дека е подобро самите да го правиме тоа, без некакво групирање со другите земји – потенцира Боцевски.