…нека разберат, душманите клети…
Душманите клети? Кои се тие душмани?
Бугарските фашисти. Балистите. Они направија најмногу срања за време на окупацијата.
Тогаш напиши само фашисти, тоа е универзално за цел свет.
Ааа, не! Јас размислувам за иднината. Од кај знаеш, може веќе утре цел западен свет повторно да почне да мисли дека нацистите и фашистите се кул, а и Бугариве… не си на чисто со нив. Беа потомци на Омуртаг, па открија дека Александар Македонски, Никола Тесла и Лара Кроф се Бугари, ама во меѓувреме станаа и ариевска раса, а веќе утре… од кај да знам… ќе ни кажат дека дошле од Месечината и нè ослободиле од марсовската нацистичка окупација. Затоа јас ќе си напишам „душманите клети“ за да се мисли на…, па на душманите, кои за разлика од бугарските администратори и нордистанските власти се против зачленувањето на Нордистан во ЕУ.
Е, да, има логика.
Нормално дека има логика кога јас од сегашноста ја објаснувам тогашноста, силувајќи го минатото, за да ја обликувам иднината по волја на божествата од секторот за ЕУтаназија на логиката и здравиот разум. Патем, нели историјата се повторува како фарса? Таа историја ми вели дека црвената буржоазија, во време комуњарско, сите заговарачи за независна Македонија ги прогласуваше за Бугари пред да ги стрелаат или испратат на робија, па денес фарсата дојде да си ја наплати сметката. Патем, што е уште пофарсично, името и презимето Зоќи Заев симболично потсетува на Мане Мачков, а кога Таче би ставил мустаќ, може и да подзаличи на царот Борис Трети. По ова може да заклучиме дека бугарскиот и нордистанскиот се „един народ“ под администрација на новиот Рајх во Вашингтон и Брисел. А сега, извини, мора да ги напуштам овој пасус…
…и да се префрлам во следниов. А во овој пасус, јас како искусен визионер на сегашноста, кој го трансформира блиското минато за да ја обликува далечната иднина, морам да одам на роденден. Големите мајстори на кулинарскиот занает од длабоката кујна на ресторанот „Вашингтон“, направиле презашеќерена Кримска торта (од англискиот збор cream што значи крем), и тоа во форма на мост, со намера да ѝ ја подметнат на стрвната Европа, оти знаат дека што и да сервираат, старата Вавилонска дијабетичарка секако ќе излапа. На роденденската забава требаше да присуствуваат Бајден и Фон дер Лејен, ама Џо ги помеша датумите, а Урсула заглави дома мачејќи се да го извади и скрие чипот од машината за перење за Русите да не ѝ го украдат. Сепак, роденденот беше интересен зашто западните и нордистанските новинари, аналитичари и експерти, сите до еден беа преправени во Мерлинки и пееја „Среќен роденден, господине претседателе“, ама на крајот, иако никој не го очекуваше, навистина дојде претседателот, оној заебан Путин, и ја расипа забавата, бидејќи ги дувна свеќите, па настапија мрак во Украина и студ низ Европа.
Роденденската забава замириса на економска депресија. Џо се сети дека треба да се израдува, затоа што сега Европа ќе мора да му јаде трошки торта од раката, ама тоа, илјадапати поскапо ќе го наплати. Новинарите, аналитичарите и експертите преправени во Мерлин Монро, кои од цела торта не добија ништо зашто мораа да пеат и тверкаат, започнаа да трепкаат за Џо да се смилува, па стариов фраер им рече, океј гајс, донт вори, во Лас Вегас секогаш недостигаат Мерлинки. Урсула најпрво падна во депресија оти заборави кај го скрила чипот, па сега ќе мора да пере на рака, ама се сети дека и онака, најверојатно, ќе нема струја.
Браво Русјаков, додека нашиот братски украински народ страда под руската денацификацистичка окупаторска чизма, ти си играш казачок меѓу редови.
Ако глупоста ја имаше функцијата на крвта, Македонците и Украинците навистина се братски народи. Така функционираат на терен. Како браќа по глупост. Украина ја загуби формата, а Македонија суштината.
А-ха, ова веќе звучи сериозно. Ај сега објасни!
Не сакам да објаснувам. Не сакам да сум сериозен. Во овие безумни времиња, сериозноста ме плаши како американско-руски римејк на „Заливот на свињите“, ама надграден со страшни визуелни ефекти, кои на крајот навистина стануваат дистопија. Во вакви моменти сакам да ги спакувам хуморот и цинизмот во куфер и да фрлам сидро за да запловам до Заливот на дињите, ако има таков, ако не ќе го измислам, и потоа, среде плажата на вечната тишина да наполнам диња со вотка, да запалам Американ Спирит и да чекам вистинската Мерлин Монро да ми запее нешто од Висоцки. Но ако веќе така треба, еве и ги на сериозноста последниве пасуси.
Нацизмот е виновен. Нацизмот е виновен суштински и симболично. Нацизмот сака да биде истопорен на почеток од барем три реченици едноподруго како во моментов. Тој факинг нацизам создава нова нормалност, а таму, секој има право на негово мислење. Се поставува себе како суперраса над другите, сака да забранува уметност (пали книги, менува стихови), во гасни комори става луѓе (нации и идентитети).
Пред да стане Нордистан, Македонија имаше можност да се изјасни што мисли за нацизмот и фашизмот. Руската Федерација поднесе резолуција во ОН. Бараше осуда за глорифицирање на нацизмот и фашизмот низ светот. САД и Украина беа против, што од денешна гледна точка е сосема логично. Македонија како протекторат на САД и на ЕУ гласаше воздржано. Затоа сега, низ Нордистан се отвораат нацистички клубови, оти тоа бил патот кон Европската Унија.
– Го осудувам отворањето на клубот, ама тој е отворен од македонски граѓани – рече нордистанскиот премиер. Царот Борис Трети бил нацист. Автоматски, оние што го отвориле клубот, тотално е небитно дали се нордистански или уругвајски граѓани, нацисти се. Властите што го дозволиле тој клуб се нацистички соработници. Не постои разлика меѓу нацисти и нацистички соработници. Сите се нацисти.
Барањата и уцените на Грција и на Бугарија кон Македонија се шовинистички, расистички и нацистички. Затоа што бараат идентитетски геноцид. Оттука, грчката и бугарската политика е нацистичка. ЕУ ги поддржува нивните геноцидни апетити, значи Брисел е новиот Рајх. Нордистанците и нивните власти што ги прифатија и спроведоа нацистичките барања на Грција и на Бугарија поддржани (и спонзорирани) од ЕУ се нацистички соработници. Нацистичките соработници, веќе заклучивме, се нацисти. Затоа Нордистан е нацистичка творба.