Со дeнешниот натпревар против Луксембург во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (19 часот), сениорската ракометна репрезентација на Македонија под водство на селекторот Кирил Лазаров, ги започнува квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија (10-28 јануари). Овој пат црвено-жолтите ќе бидат во видно-изменет состав, без неколку поранешни клучни играчи, предводени од селекторот Кирил Лазаров. Еден од таа млада генерација ракометари кои во иднина ќе треба да го понесе теретот на сегашнава репрезентација е и десниот бек на Алкалоид, Мартин Серафимов (22).

– Почнува нов циклус на квалификации за Европско првенство во коj ќе ги нема носителите на играта во последните десетина години, Лазаров, Стоилов, Миркуливски и тоа треба да го прифатиме како природен процес. Но, од друга страна пак, ќе претставува и нова обврска да се продолжи по патот кој ни обезбедуваше редовни учества на светските и европски првенства, а кои поранешните играчи досега го остваруваа – вели Серафимов.

Тој е свесен дека сегашнава генерација репрезентативци ќе треба да гради сопствен стил на игра.

– Очигледно дека сегашнава репрезентација има нов лик и ќе треба да изградиме сопствен, модерен стил на игра. Сигурен сум дека селекторот ќе успее да го извлече најдоброто од секој поединец и сето тоа да се вклопи во интерес на репрезентацијата – смета Серафимов

Македонија е фаворит на првите два натпревара во овие квалификации, но Серафимов вели дека не треба во никој случај да се потценат ривалите.

– Луксембург и Турција се репрезентации кои поседуваат сопствен квалитет и никако не треба против нив да влеземе опуштено ниту пак, да ги потцениме. Во секој меч треба да влеземе со цел да победиме, но ќе одиме полека од натпревар во натпревар за да стигнеме до посакуваното, а тоа е учество на ЕП 2024. Првиот меч го играме денеска во Скопје и подршката од публиката многу ќе ни значи – додава Серафимов.

Македонија досега настапила седум пати на ЕП, колку и Португалија, додека Луксембург и Турција не настапиле ниту еднаш.
Г.И.