Оркестарот на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Далга“, на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, наместо шпанскиот гитарист Рафаел Агире, како што беше првично најавено, кој поради болест го откажа гостувањето во Скопје. Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија. На програмата се „Пијан танец – Пајдушко“ од македонскиот композитор Сони Петровски и Концертот за пијано и оркестар во Бе-мол и шестата симфонија „Патетична“ од Петар Илич Чајковски. Концертот е поддржан од Европската Унија, а со истата програма оркестарот на Филхармонијата на 14 октомври ќе гостува и во Белград.
Сони Петровски е роден на 4 јануари 1977 година во Сиднеј, Австралија. Средно музичко училиште завршил во Битола, а дипломирал на Одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски.
Шестата симфонија, насловена „Патетична“ на Петар Илич Чајковски не е дело напишано од композитор што умира, ниту пак од автор што бил во депресија. Во неа овој руски композитор буквално ја „истурил“ својата душа, ги покажал своите неверојатни капацитети како композитор што музиката ја користел како платно за израз и преточување на своите најдлабоки емоции. Оваа симфонија е олицетворение на композиторската моќ на Чајковски. Самиот композитор напишал дека „таа е неговото најдобро дело“.
Музичката репутација на Габриел Бебешелеа брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија.
Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со кум лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.
Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во Скопје со кум лауде), како и со проф. Симон Трпчески во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести кум лауде.
Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство.
Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано-натпревар одржан во Нормандија, Франција, а еднакво успешен во својата родна земја. Редовно одржува рецитали, а активен е и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.