На турнирот настапија 385 џудисти од 43 клуба од Македонија, Грција, Црна Гора, Србија, Бугарија, Албанија и од Косово
ЏУДО – ТУРНИРОТ „ПРИЛЕП ГРАД ХЕРОЈ 2022 – ЦЕВИТАНА КУП“
Во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп, во организација на ЏК Сеишин, се одржа 12-от меѓународен турнир „Прилеп град херој 2022 – Цевитана куп“, на кој настапија вкупно 385 џудисти од 43 клуба од Македонија (14 клуба), Грција (11), Црна Гора (шест), Србија, Бугарија (по четири), Албанија и од Косово (по два).
– На големо задоволство на клубот организатор, по двегодишна пауза поради пандемијата, овој турнир се врати на голема врата и ќе биде запаметен како еден од најголемите спектакли што досега се случиле во нашиот град. Организаторот обезбеди спортска сала, која беше поставена според сите протоколи за натпревари од овој вид и која беше исполнета до последното место. Борбите се одвиваа на четири борилишта, а правдата ја делеа судии од Македонија и од странство. Клубот ја задржа традицијата за покана и присуство на специјални гости, а годинава присуствуваа Црногорецот Зоран Миловиќ, џудо-мајстор осми дан, Бојан Миличевиќ, директор на Маркетинг-комисијата при Балканската џудо-асоцијација, претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, како и други гости и членови на комисии, тела и органи при ЏФМ. Турнирот официјално го отвори градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчевски – ни изјави тренерот на ЏК Сеишин, Дејан Мицкоски.
Најуспешни клубови по возрасни категории станаа: Преспа Ресен (помлади пионерки), Бор, Србија (помлади пионери), Црногорац, Црна Гора (пионери), Сакура Катерини, Грција (пионерки и кадетки), Велико Градиште, Србија (кадети). Според бројот на освоени медали вкупен победник на турнирот е грчкиот клуб Сакура Катерини.
Г.И.