Дискетите се стари со децении, но авиокомпаниите сè уште ги нарачуваат и ги користат. Том Перски, кој се опишува себеси како „последниот човек во бизнисот со дискети“, е основач и сопственик на флопидиск.ком, веб-страница што продава и рециклира дискети. Компанијата исто така пренесува дискови, нуди програма за рециклирање и продава искористени или оштетени дискови до уметници низ светот.
Сепак, Перски тврди дека неговите главни клиенти сè уште се индустриски корисници што користат дискети за ставање информации во машините и обратно. Тој вели дека авиокомпаниите сè уште користат дискети, од кои половина се стари повеќе од 20 години, а во тоа време овие дискети биле најдобрата достапна технологија.
– Авиокомпаниите се огромен потрошувач, а има и медицинска опрема што бара употреба на дискети за вметнување и преземање информации од медицинските уреди – рече тој.
Секогаш има луѓе што чуваат некои предмети за да ја одржат носталгијата, а некои од нив купуваат и по 50 дискети.
„Бритиш ервејс“ пензионира еден од своите авиони „боинг 747-400“ за време на пандемијата на коронавирусот во 2020 година, а истражувачите од компанијата „Пен тест партнер“ пронајдоа дискета од 3,5 инчи во пилотската кабина, што се користеше за вчитување на клучните бази на податоци за навигација. Се чини дека дискетите ќе останат во употреба сѐ додека се користат старите авиони произведени пред 20 години.