Тод Бели

ФУДБАЛ

Сопствениците на трите англиски клуба ја истражуваат опцијата да додадат клубови во и надвор од Европа во своите портфолија

Три англиски фудбалски клуба чии газди се од Америка сакаат да го следат примерот на Манчестер сити и да воспостават светска мултиклупска мрежа, како таа на фудбалската групација „Сити“, пишува „Гардијан“.

Газдите на Челси, Тод Бели, на Арсенал, Стен Кронки, и неговиот колега од Ливерпул, Џон В. Хенри, ја истражуваат опцијата да додадат клубови во и надвор од Европа во своите портфолија. Бели веќе посочи дека би сакал да создаде нешто што тој го опиша како „мултиклупски модел“.
– Разговаравме за тоа да имаме модел со повеќе клубови и би сакал да продолжиме натаму. Ред Бул прави навистина добра работа во Лајпциг и во Салцбург, и двата тима играат во Лигата на шампионите и сфатија како функционира тоа. Го имате и Сити, кој има многу голема мрежа на клубови. Предизвикот што сега го има Челси е дека кога имате ѕвезди на 18, 19, 20 години, можете да им ги позајмите на други клубови, но нивниот развој го ставате во туѓи раце. Нашата цел е да бидеме сигурни дека ќе можеме да им го покажеме вистинскиот пат на нашите млади играчи како да влезат во првиот тим на Челси, притоа и да добијат вистинска минутажа. За да го направиме тоа, ни треба друг клуб во навистина квалитетна лига во Европа – вели Бели.

Фудбалската групација „Сити“ поседува клубови во 11 земји, вклучувајќи три во Европа; шпански Жирона, Ломел од Белгија и француски Троа.

Се верува дека Бели го започнал процесот на наоѓање други клубови за инвестирање откако, наводно, бил одбиен од бразилски Сантос, каде што Пеле го помина поголемиот дел од кариерата. Се верува дека тој му наложил на новиот бизнис-претседател на Челси, Том Глик, да се ангажира во тој процес, што може да доведе до инвестиции во клубови во белгиската и во португалската лига. Кронки, кој е сопственик на Колорадо рапидс во американската фудбалска лига (МЛС), на Денвер нагетс во НБА, на Колорадо авеланч во НХЛ и на Лос Анџелес рамс, шампионот на НФЛ, ја истражувал можноста за вложување во клубови во Бразил, Белгија и во Португалија. Сопствениците на Ливерпул, кои ги поседуваат бејзбол-клубот Бостон ред сокс и Питсбург пингвинс од НХЛ, минатата година ѝ продадоа добар дел од акциите на „Редбрд капитал“, компанијата што го купи италијанскиот шампион Милан во август годинава и има 85 отсто од акциите во француски Тулуз.

Според студијата на фудбалскиот портал „Атлетик“, девет клуба од Премиер-лигата, Арсенал, Брентфорд, Брајтон, Кристал палас, Лестер, Манчестер сити, Нотингем форест, Саутемптон и Вест хем, имаат врски со 25 клуба во Европа и подалеку. Л.Д.