Украина ја обвини Русија за ракетен напад врз цивилен конвој со возила во близина на Запорожје, во кој проценува дека има најмалку 23 загинати и 28 ранети, при што и украинскиот претседател Владимир Зеленски реагираше остро.
Според украински гувернер на областа Запорожје, Олександр Стријук, станува збор за конвој цивили кои со автомобили оделе да ги земат своите роднини од териториите под руска окупација.
– Непријателот нападна цивилен конвој во предградието. Луѓето беа во колона која требаше да се упати кон окупираната територија за да ги земе роднините и да достави помош. Има мртви и ранети, а итната помош е на терен. Во моментов знаеме за 23 мртви и 28 ранети. Сите цивили, наши сограѓани – објави Стријук на Телеграм.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат вознемирувачки сцени со мртви и ранети како лежат на патот.
Зеленски излезе со експресна реакција на својот канал на социјалната мрежа Телеграм.
– Терористичката држава истрела ракети врз цивилното население во Запорожје, Миколаив и Днепропетровск. Ги напаѓа украинските региони со ракети и беспилотни летала. Окупаторите во едно утро истрелаа 16 ракети врз регионот на Запорожје. Тоа го можат само терористите за кои нема место во цивилизираниот свет. Непријателот е бесен и бара одмазда за нашата упорност и сопствените грешки. Цинично ги уништува мирните Украинци затоа што одамна изгуби се што е човечко. Крвожедни ѓубриња. Дефинитивно ќе одговора за секој изгубен украински живот – истакна Зеленски.