КУП НА ГЕНЕРАЦИИ „ЈУЛИУС БАЕР“ ВО ЗАБРЗАН ШАХ
Светскиот првак во финалето го совлада, со 1,5-0,5 и со 2-0, Индиецот Арјун Еригаиси, во седмиот натпревар од турнејата на шампионите „Мелтвотер“ во забрзан шах
Норвежанецот Магнус Карлсен (2.861 рејтинг-поени) победи на купот на генерациите „Јулиус Баер“, откако во финалето убедливо славеше над 19-годишниот велемајстор (ВМ) од Индија, Арјун Еригаиси (2.725, моментно 24-ти во светот), во два одвоени финални меча (од по четири партии), со 2,5-1,5 и 2-0, не загубувајќи ниедна партија, и наедно е првиот што ја проби бариерата на овие турнири од 2.900 рејтинг-поени (2.902). Ова беше седми натпревар од турнеја на шампионите „Мелтвотер“ во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди за секој потег по играч), а четврта победа на Карлсен, со што ја зголеми предноста во генералниот пласман.
– Многу сум среќен, играв многу во текот на овој турнир против млади играчи, во смисла дека се обидов да користам постари и помалку теоретски варијанти, кои имаат некоја сериозна стратегиска сложеност и тоа се покажа многу добро. Нивото на турнирот како целина беше доста добро, но, секако, можеше да биде и подобро. Малку потонав со поени во нокаут-фазите, но очигледно финишот беше убав – рече Карлсен, кого го следеше и една контроверзност, откако без игра ја предаде партијата против Американецот Ханс Ниман во шестото коло, во кого се сомневаше дека мамел на претходниот турнир во Синкфилд, САД (од кого и ја загуби партијата), по што го напушти турнирот.
Еригаиси, пак, кој беше многу импресивен во текот на целиот настан, едноставно не успеа да победи, оти Карлсен со својата игра не му даде шанса. Карлсен од овој турнир заработи 25.000 долари (вкупно досега од турнејата 180.000), додека Еригаиси 15.000 долари.
До крајот остануваат уште два натпревара од турнејата „Мелтвотер“ за годинава, еден регуларен во октомври и завршниот во ноември во Сан Франциско, каде што ќе играат најдобрите осум, по што ќе биде познат севкупниот победник. Карлсен и Еригаиси веќе се квалификуваа за турнирот во Сан Франциско. Во генералниот пласман води Карлсен, втор е Индиецот Рамешбабу Прагнананда (106.500 долари), а трет Полјакот Јан-Криштоф Дуда (105.500 долари), од вкупно 24 шахисти. Г.И.