Економскиот факултет од Прилеп домаќин на голема меѓународна конференција
Тема на конференцијата се економијата, бизнисот и општеството во дигитализирана средина 2022, интересот за учество е голем, а тоа го потврдува и фактот што досега се пријавени над 180 автори од повеќе држави, меѓу кои Романија, Полска, Србија, Бугарија, Турција, Косово, Албанија, Хрватска и многу други, велат организаторите
Економскиот факултет – Прилеп, од денеска до недела (23 -25 септември), ќе ја одржи 12-та Меѓународна конференција на тема „Економија, бизнис и општество во дигитализирана средина 2022“.
Меѓународната конференција има цел да ги обедини на едно место претставниците од академската заедница и бизнис-секторот за да ги споделат нивните знаења, информации, искуства и резултати од истражувањата и со своите дискусии и идеи да понудат решенија за низа проблеми и да придонесат за креирање адекватни политики.
Светот во кој живееме денес се соочува со огромни предизвици како директна последица на сѐ уште присутната пандемија и глобалната економска криза имплицирана од воените операции во Украина. Ваквата нестабилна и непредвидлива ситуација доведува до огромни ризици – дефицит од енергија и од храна и повисоки стапки на инфлација како резултат на сериозните нарушувања во глобалните и регионалните синџири на снабдување. Економските, еколошките, социолошките и здравствените околности вршат значителен притисок врз владите и компаниите низ светот, да реагираат брзо за да се справат со економските закани и да преземат стратегии за да ја одржат својата конкурентност. Современите економски системи мора да користат дигитални технологии и ИКТ-решенија повеќе од кога било досега, за да ги зајакнат индивидуалните вештини, личните способности и организациските капацитети, нагласувајќи го значењето на човечкиот потенцијал. Со оглед на непосредните закани, наметнати од многу фактори, интеракцијата на технолошките иновации, глобализацијата и одржливоста на животната средина добиваат значителен акцент. Дигитализацијата веќе длабоко ги зафати сите аспекти на нашиот модерен начин на размислување, живеење и работа. Интересот на меѓународната научна заедница за нашата конференција е сосема јасен, а тоа го потврдува фактот што привлече над 180 автори од повеќе различни држави, меѓу кои Романија, Полска, Србија, Бугарија, Турција, Косово, Албанија, Хрватска и многу други – вели Драгица Оџаклиеска, деканка на Економскиот факултет во Прилеп.
На конференцијата ќе се дебатира за области што се поврзани со дигиталната трансформација на економијата, бизнисот и општеството. Ка.М.