Системот се користи во ЛШ и ќе се користи и на СП 2022. Од домашните првенства, во Италија ќе биде во употреба од октомври, а во Англија од следната сезона
ФУДБАЛ
Англиската фудбалска Премиер-лига планира воведување на полуавтоматскиот систем за одредување офсајд од следната сезона, откако тој успешно ја помина пробната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) и се применува во досегашниот тек од сезоната. Според пишувањето на „Тајмс“, системот за чие воведување тимовите од Премиер-лигата ќе гласаат по Светското првенство (СП) се смета за големо подобрување во однос на сегашниот систем. Се предвидува дека проверките на спорните снимки ќе траат многу кратко.
Таа технологија ќе биде иста како и на СП 2022 во Катар и ќе користи „12 камери поставени на стадионот што ќе ја следат топката, како и 29 ‘точки’ за податоци на секој играч, 50 пати во секунда, пресметувајќи ги нивните точни позиции на теренот. Собраните податоци ги вклучуваат сите делови од телото што се релевантни за офсајд-одлуките“, објасни ФИФА во јули. Системот ќе испраќа автоматско предупредување до судиите во собата со помошни видеосудии (ВАР) кога играчот е во офсајд, користејќи технологија за следење и вештачка интелигенција. Судиите ќе добиваат известувања на рачен часовник и ќе го имаат последниот збор при донесувањето на одлуките.
Италијанската Серија А ќе биде првата европска лига што ќе почне со примена на полуавтоматската технологија за офсајд, од октомври. Л.Д.