Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да ја разгледа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Официјалните информации од Кабинетот на Џафери се дека тој денеска ќе биде на работа и оти ќе информираат во врска со неговата одлука за инцијативата. Доколку таа добие „зелено“ светло, тогаш тој треба да ја проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.
Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела. Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна. Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена. Ова е предвидено во Деловникот за работа на Собранието. Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, и обвинувања од опозицијата дека зад тоа ќе стојат владејачките партии.
Во медиумите беше објавена фотографија од документот на иницијативата доставен до Собранието, на која се гледа дека таа се доставува до претседателот на Собранието Талат Џафери, без да се наведе „на Република Северна Македонија“.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.
– Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија – нагласи Мицкоски.
Мицкоски во вчерашната изјава рече оти верува во успешноста на референдумот, но нагласи дека без разлика на резултатот, дури и да не успее, партијата нема да поддржи промена на Уставот под овие околности.
– Единствен начин да видиме дали ќе има излезност е да се одржи тој референдум, да се поддржи таа иницијатива и да видиме дали граѓаните ќе бидат „за“ или „против“. Јас ги охрабрувам демократски во насока на европскиот дух кој од нивните усти додека крадат не престанува да излегува, и сега тоа да го направат и да ги мобилизираат оние малкумина да излезат и се произнесатво согласнсот со нивните политики. Јас сум сигурен дека ќе успее референдумот. Но, без разлика на резултатот ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот под овие околности – рече Мицкоски.
Според него власта е исплашена од мобилизација на народот и консолидирање на антивладино расположение кое, како што вели, постои.
Вицепремиерот за европски парашања Бојан Маричиќ синоќа изјави дека нема да има никаква смисла ниту цел одржување референдум, кога без разлика на исходот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не планира да гласа.
-Само еден референдум има смисла – дали сте за членство во ЕУ или не, сите други прашања се заобиколување на единственото вистинско прашање – рече Маричиќ.
Прашањето за референдум, посочи тој, е навистина сериозно и жалам што ВМРО-ДПМНЕ на таков начин го отвори.
-Не е тоа соочување на власта и опозицијата, туку едноставно зошто би биле ставени граѓаните во таква ситуација. Да се потсетиме прашањето кое што го предлага ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е врзано за Договорот од 2017 со Бугарија, за кој што исто како и за францускиот предлог во јули оваа година, ВМРО-ДПМНЕ немаше ни храброст, а имаше можност да гласа против. Тие ниту тогаш 2017, ниту сега за францускиот предлог не гласаа против, туку ја напуштија салата на чинот на гласањето – рече Маричиќ во гостувањето на Топ Тема на Телма ТВ.
Според него, ова е политичка игра или желба како опозицијата да излезе од оваа ситуација во која што самите се наоѓаат, повикувајќи се на фактот што со години во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која влијаеше и СДСМ да ја смени програмата, беше ставено, дека кое било решение со Грција треба да се најде на референдум пред граѓаните и кога дојде времето за референдум 2018 година, ВМРО-ДПМНЕ реши да го бојкотира.
-Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ беше против францускиот предлог и против Договорот со Бугарија ќе гласаше против за ратификацијата или сега зошто, пет години подоцна се отвора прашањато за референдум за Бугарија, зошто не се отвори прашањето за референдум за Преспанскиот кога веќе го отвараат за Договорот со Бугарија, истакна Маричиќ.
Тој рече дека се јасни условите под кои ќе влеземе во Унијата, тие се веќе поставени во Преговарачката рамка и смета дека ако се прави референдум прашањето треба да биде вистинското, не дали сте за поништување на договорот, туку дали сте за членство во Европската Унија.
Никому во Владата, вели, не му било драго или пак го правел со задоволство компромисот кој беше направен со Бугарија, но мора да се водиме од државните интереси, од државнички пориви и желба да се однесе државата напред.
-Два ни се интересите: да си го зачуваме идентитот и јазикот и второто е да станеме членка на Европската Унија – тврди Маричиќ.
Според вицепремирот, вистинското прашање на референдумот треба да биде „дали граѓаните се за членство во Европската Унија“. Бидејќи ние не ги поставуваме условите под кои ќе влеземе во ЕУ, тие се поставени на тој начин како што се, Преговарачката рамка е усвоена, смета Маричиќ.
-Само еден референдум има смисла: дали сте за членство во ЕУ или не. Сите други прашање се заобиколување на единственото вистинско прашање. Во договорот со Бугарија не се уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ на некој начин можеби и свесно ја двои агендата, на уставни измени со Договорот со Бугарија – вели Маричиќ.
Тој не сакаше да прецизира дали доколку бидат собрани 150 илјади потписи за распишување референдум, владејачката СДСМ ќе повика на бојкот или ќе учестува.
-Рано е да се каже. Сто пати да ме прашате, истиот одговор ќе ви го кажам. Мислам дека на оваа тема не треба да има референдум. Ако сакаме референдум, треба да биде на вистинското прашање: Дали сакате Северна Македонија да биде членка на ЕУ? Тоа е суштината на оваа дилема – порача Маричиќ.
Според него, најдобро за државата е да се фокусираме на заеднички утврдена агенда за реформи, заеднички со опозицијата, на заедничка работа на скринингот и на преговорите и сите отворени прашања да се дискутираат во Националниот совет за евроинтеграции, тело на кое, вели, треба да му дадеме нова сила и ново значење.
Владејачката СДСМ повторно излезе со соопштение во кое наведува дека иницијативата на Христијан Мицкоски за референдум е нова негова измама кон граѓаните, која нема да успее.
-Мицкоски по четири години бара референдум за договор кој самиот тој јавно пред бугарски официјални претставници го поддржа. Референдумот на Мицкоски е против македонскиот јазик и македонскиот идентитет во ЕУ и е исклучиво за негова лична внатрепартиска употреба. Сето тоа граѓаните го знаат и затоа не го поддржуваат Мицкоски во овој негов најнов обид да си ја задржи фотелјата во Белиот дворец – соопштија од СДСМ.