Град Скопје, според своите калкулации и пресметки за потрошувачка на струја, цврсто стои на ставот дека по никоја цена нема да го исклучи јавното осветлување на булеварите и на сите делници што се под градска надлежност. Но има простор на многу други места да се реализира кратењето на потрошувачката на струја. Општина Аеродром ќе гаси фонтани, а ќе свети секоја втора светилка, Карпош со месеци има рестрикции, сега и Центар почна со гасење на уличното осветлување… Очигледно, локалната самоуправа заклучила дека „вреди да се штеди“ струја, заради граѓаните…
ГРАДОТ И ОПШТИНИТЕ СО СВОИ ДОПОЛНИТЕЛНИ ПЛАНОВИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧКАТА НА СТРУЈА
Иако официјално сѐ уште е лето, студените денови сепак ни се на прагот, а тоа значи дека сите почнуваме да размислуваме како ќе ги загреваме домовите, како ќе се однесуваме кон потрошувачката на електрична енергија… Прогнозите и препораките на надлежните одат во правец на размислувањето дека нѐ очекува долга и веројатно една од најтешките зими, особено поради енергетската криза. Во таква ситуација, граѓаните, но и институциите изнаоѓаат начини како да заштедат што е можно повеќе електрична енергија. Владата најави мерки за штедење, кои веќе се во сила, но независно од тоа, со сопствени мерки излегоа и градските власти, како и дел од општините.
ГРАДСКИТЕ БУЛЕВАРИ И УЛИЦИ НЕМА ДА ПАДНАТ ВО МРАК
Јавното осветлување е една од ставките на општинските сметки за електрична енергија за кое се одвојува значителен износ на финансиски средства. И покрај тоа што граѓаните се најгласни во тоа дека уличното осветлување треба да биде со рестрикции, за да не мораат и тие да плаќаат повисоки сметки, градските власти сметаат дека тоа и не е најдоброто решение, бидејќи таквиот потег може негативно да се одрази на безбедноста на граѓаните.
– Град Скопје по ниту една цена нема да го исклучи јавното осветлување на булеварите и сите делници што се под градска надлежност. Во однос на штедењето отпочнавме со малку поинаков пристап, штедиме секаде онаму каде што можеме, но не на штета на граѓаните. Тоа значи дека безбедноста и сигурноста на граѓаните мора да бидат на првото место – истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Градоначалничката нагласи дека ќе се намали моќноста на лед-светилките до максимум 70 проценти. Таа објасни дека на секој можен начин се работи на тоа како да се заштеди, односно дека изминатиот период градот работел на реформи и голем дел средства се собрани од заштеди од јавните набавки преку електронски аукции.
– Направивме многу реформи во начинот на работа и значително штедиме. Сето она што го заштедивме ќе остане во буџетот. Сите средствата што ги штедиме ќе овозможат скопјани да имаат јавно осветлување на градските улици и булевари – појасни Арсовска.
Градоначалничката потенцира дека безбедноста и сигурноста на скопјани треба да бидат на прво место, во врска со информацијата дека дел од скопските општини почнаа да го гаснат јавното осветлување.
– Доколку прашате кого било што живее во Скопје дали сака да шета во вечерните часови во целосен мрак, јас сум сигурна дека ќе ви каже дека не сака, бидејќи така се чувствува небезбедно и несигурно – вели таа.
АЕРОДРОМ ЌЕ ГАСИ ФОНТАНИ
Деновиве и Општина Аеродром излезе со свои пакет мерки за заштеда на електрична енергија и надминување на кризата. Станува збор за мерки со кои се очекува драстично намалување на потрошувачката на електрична енергија, со што значително ќе се придонесе кон полесно надминување на енергетската криза во Македонија, но и да се амортизира сериозниот удар што таа го нанесе врз општинскиот буџет.
Како што најавија од општината, ќе се исклучат сите фонтани и ќе се исклучат внатрешното и надворешното осветлување, а осветлувањето во парковите на територијата на општината Аеродром ќе биде редуцирано, односно, од светилките ќе свети секоја втора, а целосно ќе се гасат во 1 часот по полноќ.
Уличното осветлување на сервисните улици со кои стопанисува Општина Аеродром ќе биде редуцирано, односно исто така ќе свети секоја втора светилка и ќе се гаси два часа порано од вообичаеното.
Како дел од мерките, од први октомври, ќе бидат исклучени и рефлекторите на спортските игралишта.
– Општина Аеродром со овие мерки става крај на нерационалното трошење на електричната енергија и почнуваме со рационално управување на средствата – велат од општината.
КАРПОШ ПРВ ПОЧНА СО РЕСТРИКЦИИ И ЦЕНТАР ПО НЕГОВИ СТАПКИ
Карпош беше прва од општините што започна со рестрикции на уличното осветлување. Уште од пролетта, уличните светилки во оваа скопска општина се гаснеа во вечерните часови, а сега, како дел од мерките за штедење, свети секоја втора светилка.
По стапките на Карпош, пред повеќе од десетина дена почна и Општина Центар.
На одредени локации се гаси уличното осветлување, а притоа сепак се води сметка да не биде нарушено нормалното функционирање на жителите на општината.
– Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план и мораме одговорно да се однесуваме кон потрошувачката на електрична енергија – истакна градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.