Македонија, Србија и Албанија потпишаа договор во рамките на „Отворен Балкан“
Македонија, Србија и Албанија денеска потпишаа договор за обезбеденост со храна Во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“. Како што објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на својот фејсбук-профил, договорот ќе овозможи земјите-членки на „Отворен Балкан“ да си помагаат меѓусебно во случај на прекин на синџирите на снабдувањето со храна како последица од глобалната криза.
– Денеска постигнавме уште еден голем успех, уште една цел од која најголем бенефит ќе имаат нашите народи. Ви честитам на сите, нашите влади со потпишувањето на Договорот за обезбеденост за храна покажаа вистинска грижа за својот народ. Овој Договор е само почеток на една многу поголема идеја, а тоа е развивање на сеопфатен акциски план за долгорочна обезбеденост со храна, кој е проектиран до 2030 година. Ја реафирмираме солидарноста како основен принцип на „Отворен Балкан“, ја зајакнуваме регионалната соработка, ги отвораме границите за непрекината трговска размена и овозможуваме стабилен и непречен проток во снабдувањето на основните земјоделско-прехранбени производи без никакви ограничувања – наведува Николовски.
Договорот, дополнува министерот, е уште една потврда дека Србија, Албанија и Македонија се заедно во овие тешки времиња.
– Благодарение на „Отворен Балкан“, водени од една заедничка цел, сега кога е најтешко, во услови на криза, со отворени граници обезбедуваме доволно храна за нашите три соседни народи, за нашите пријателски земји. За таа цел денеска потпишуваме договор за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан. Согласно договорот, доколку некоја од земјите се соочи со недостаток на храна, другите две земји искажуваат силна подготвеност да помогнат со тоа што нема да има забрани за тргување со основните земјоделско прехранбени производи. Ова е „Отворен Балкан“, ова се три пријателски влади, три соседни народи соединетиee со јасна визија за тоа како треба да изгледа вистинско добрососедство, базирано на солидарност – потенцира Николовски.