Фото: Нова Македонија / Архива

Во периодот од 22 август до 28 август тестирани се вкупно 5.815 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на коронавирус, со намалување од 15,3 отсто во однос на претходната недела. Регистрирани сe 1.763 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 34,3 отсто во однос на минатата седмица. Процентот на позитивност се движел од 17,8 отсто до 33,6 отсто, просечно 27,9 отсто, се наведува во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Највисока инциденца е регистрирана во Делчево, Гевгелија, Берово и Кавадарци.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заразени кај сите возрасни групи (со најзабележително намалување од 43 проценти во возрасната група 10-19 години).

Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 2.437 лица во хоспитални услови или на домашно лекување, 30,4 отсто помалку во споредба со една недела претходно.
Пријавени се 407 реинфекции, што е намалување од 37,1%. Пријавени се 12 смртни случаи со датум на смрт во текот на изминатата недела, што е за 40% помалку во споредба една недела претходни. Најголем број од починатите се од Скопје (8), а пријавени се и по еден смртен случај од Валандово, Кратово, Охрид и Прилеп. Во однос на возрасната група 11 починати се над 60 години и еден починат од возрасната група 50-59 години. Девет од пријавените случаи се починати во болнички услови и кај 11 се регистрирани коморбидитети.