Фото: Фејсбук страница на српскиот претседател

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „Ројтерс“ изјави дека Србија е сцена за посредна војна помеѓу Истокот и Западот.

Во интервјуто кое се случи еден ден откако противниците на ЛГБТ-манифестацијата „Европрајд“ маршираа на улиците, шефот на српската држава рече дека Белград се обидува да одржи деликатна рамнотежа меѓу неговата амбиција за влез во Европската Унија и врските со Русија и Кина.

– Не можам да кажам дека тоа (протестот) беше посреднички напад, бидејќи таму имаше многу обични луѓе… но дали има посреднички конфликт во Србија – има, без сомнение. Тука има индиректен конфликт меѓу Истокот и Западот – рече тој.

„Ројтерс“ потсетува дека Србија е кандидат за влез во Европската Унија и дека ЕУ е нејзин најголем трговски партнер и инвеститор. Авторот на текстот ја нагласува воената неутралност на Србија, но забележува и дека земјата одржува врски со НАТО и купува оружје од земјите-членки, но и дека речиси целосно живее од руски гас и дека во минатото купувала оружје и од Русија.

Понатаму се наведува дека Кина е голем инвеститор во Србија и дека парите главно ги вложува во рударството и инфраструктурата. Ројтерс потсетува и дека Србија во Обединетите нации ја осуди руската инвазија на Украина, но одби да се приклучи кон санкциите против Москва.

– Се обидуваме да преживееме со што е можно помалку рани и лузни – рече Вучиќ, кого „Ројтерс“ го опишува како поранешен националист кој ја прифатил проевропската политика.

Зборувајќи за ситуацијата во Косово, Вучиќ рече дека не верува оти властите во Приштина сакаат „сериозен разговор или сериозен дијалог“.

– Верувам дека оние земји кои ја штитат таканаречената независност на Косово ќе го убедат режимот во Приштина да не игра (со) конфликт во регионот, кој секако е полн со проблеми – рече српскиот претседател.


Ескобар: Вучиќ е посветен на регионална стабилност, да се искористи добрата волја

Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска изјави дека по разговорот со Александар Вучиќ може да каже дека српскиот претседател е целосно посветен на регионалната стабилност. Според Ескобар, потребно е да се искористи таа добра волја која, според него, постои кај двете страни.

На маргините на Стратешкиот форум во Блед, Ескобар во изјава за „Јуроњуз Србија“ изрази надеж дека нема да има потреба да се зборува за поделби на Западен Балкан. Тој ја посочи загриженоста на многу луѓе во регионот за ориентацијата на Србија, но верува дека членството во ЕУ е аспирација на Србија.

– Навистина верувам и се надевам дека аспирацијата на Србија е да биде полноправна членка на ЕУ и дека нема да мора да зборуваме за поделби на Западен Балкан. По разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, можам да кажам дека тој е целосно посветен на регионалната стабилност, дека не сака насилство: Да ја искористиме таа добра волја и добрата волја на другата страна, Косово, и се надевам дека лидерите во регионот ќе слушнат што (претседателката на Европската комисија) Урсула Фон дер Лајен рече дека Западен Балкан навистина сака да биде дел од Европската унија и оти граѓаните го сакаат тоа од овој простор. Гледаме оптимизам од сите страни – рече Ескобар.