Претставници на власта вчера уште еднаш ги повикаа пратениците во Собранието, пред се оние од редовите на опозицијата, да ги поддржат уставните измени и да не го блокираат патот на земјава кон ЕУ, додека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да ги поддржи предлозите за промена на Уставот.
Премиерот Димитар Ковачевски ги повика сите 120 пратениците да бидат на висина на задачата и да го поддржат продолжување на патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, со тоа што ќе ги поддржат уставните измени.
Тој нагласи дека уставните измени ќе поминат низ процес на парламентарна дискусија и тие се нешто што земјава треба да го направи и не треба да се користат за теснопартиски интереси.
– Верувам дека сите 120 пратеници треба да ги поддржат уставните измени зашто со нив се внесуваат делови од други народи кои живеат тука, кои изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав. Ние веќе имаме повеќе делови од народи кои се дел од Уставот, покрај македонскиот народ. Постојат држави со дури 25 народи во Уставот, како Хрватска и тоа само ја збогатува општествената кохезија – рече вчера Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Тој потенцира дека секој пратеник има обврска кон граѓаните и државата во однос на европската иднина и затоа постои дискусија во Собранието која треба да се базира на аргументи, факти и на перспективите на земјата.
Според него, во земјава јасно се издиференцирани две коалиции – една „за европска Северна Македонија“, која заедно со доминантниот дел од граѓаните сака да ја види државата како дел од ЕУ и ВМРО-ДПМНЕ и Левица – кои се противат на членството во Унијата и за тоа постојано изнаоѓаат нови причини кои немаат никаква врска со реалноста.
– Втората коалиција не нуди никаква алтернатива. Едниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ нуди некаков азиски сојуз со централноазиски држави, што сметам дека е нонсенс во однос на евроинтеграциите – потенцира премиерот.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи шансата да биде на страната на членството на Македонија во ЕУ, што, како што нагласи, е стратешки приоритет на земјата веќе 30 години.
– Веруваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифатат оваа шанса и оваа можност, бидејќи ја пропуштија за НАТО, иако дел од пратениците тогаш го поддржа Преспанскиот договор и уставните измени – изјави Маричиќ во гостување во вестите на телевизија „Канал 5“.
Според него, паралелно со процесот на скрининг имаме можност во тој период да ја завршиме и обврската со измена на Уставот „со додавање на некои заедници, како Хрватите, Црногорците и Бугарите во Преамбулата и во уште една точка во Уставот“.
– Од наш аспект содржински нема никаква пречка тоа да се направи. Мислам дека нашиот концепт на Уставот и нашиот амбиент секогаш бил инклузивен за сите заедници. Ние ќе отвориме дијалог со сите политички партии, но и со сите пратеници. Сметаме дека ќе има можност пратениците да се определат јасно дали се за продолжување на европскиот пат, дали се за членство на Северна Македонија во Европската Унија или пак се за застој, враќање назад и отстапување од тој пат – рече Маричиќ.
Од друга страна, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вчера уште еднаш го повтори ставот дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат предлозите за измена на Уставот, порачувајќи и на власта „да го пушти“ предлогот за уставни промени во Собранието и да види дали има или нема поддршка за нив.
– Еве ја повикувам власта нека го пуштат овој предлог во Собрание да видат дека немаат поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Предлозите за уставни измени ќе паднат во Собранието и после тоа да одиме на предвремени парламентарни избори – изјави Николоски во гостување во вестите на „Канал 5“, додавајќи дека предвремените парламентарни избори „треба да се случат, за народот го каже сопственото мислење“.
Тој додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ не се откажала од референдум за „францускиот предлог“ и дека активно и интензивно работи на негова организација.
– Ние кажавме дека на крајот на овој месец и почетокот на септември ќе излеземе со конкретни позиции во однос на прашањето и на начинот на кој што би се реализирал овој референдум. Се надевам дека од власта ќе соберат доволно храброст и ќе дадат можност на народот да го каже своето мислење во однос на бугарскиот предлог и во однос на овој спорен договор што го потпишаа – истакна Николоски.