воштарите од Преспа, но и овоштари од Охрид и Битола денеска одржаа мирен протест и блокада на регионалниот патен правец Битола – Ресен – Охрид со кои испратија порака дека бараат да почне исплатата на средствата кои како што рекоа, веќе се одобрени со одлука на Владата.
Станува збор за околу 4,5 милиони евра кои треба да ги добијат околу 4.000 овоштари, најголем дел од нив од Ресенско, но и овоштари од Битола и Охрид, истакна Љубе Пампулевски, овоштар од Ресен.
– На денешниот прв протест потсетивме дека веднаш треба да се исплатат средствата, односно надомест за предизвикана штета од невреме град и мраз во зимски услови од 2016 година, дел од 2017 година и во 2018 година врз овошните насади. Бараме средствата во целост да се исплатат најдоцна до 29 август оваа година, односно средствата да се уплатат на посебната, наменска сметка на Општина Ресен, во спротивно ние ќе продолжиме со протести – посочи Пампулевски.
За време на двочасовниот мирен протест, овоштарите изнесоа 11 барања до владата со цел да се надминат проблемите со кои се соочуваат во време на зголемени трошоци кои директно влијаат врз овоштарството и овоштарите.
– Бараме повисока цена на индустриското јаболко, навремена исплата на картичките за зелена нафта, а в година субвенционирањето да биде изразено во литри заради различната цена на нафтата, односно овоштарите реално да ги добијат договорените 100 литри нафта по хектар. Бараме исплата на сите заостанати дополнителни плаќања за регистриран земјоделец и рурален развој за 2020 и 2021 година, покачување на субвенциите за директни плаќања за 50 насто во 2023 година, забрзување на изградбата на откупно-дистрибутивниот центар за јаболка кај Царев Двор и други дополнителни барања – истакна Пампулевски.
Преспанските овоштари побараа државата да обезбеди посигурни пазари за извоз на конзумното јаболко, односно Владата да го задолжи МНР преку своите амбасадори да создадат услови за извоз на македонско јаболко во африканските земји, Турција, Египет и на Блискиот Исток.