Невреме со грмотевици и поројни дождови попладнево е регистрирано во Пелагонија, Велес, Градско и Росоман, информираат од Центар за управување со кризи.
– Силна нестабилност е проследена со интензивен пороен дожд и електрични празнења, како и силен ветер – потенцираат од ЦУК во објава на страницата на Фејсбук.
Претходно, како што посочуваат, интензивна нестабилност имаше и во Пелагонија, каде е забележана и појава на град. На метеоролошката станица во Радарскиот центар Тополчани бил региструран удар на ветер од 150 км/час.
Додека, пак, на подрачјето на Велес во 16:50 часот во селото Каласлари имало запалено сено и паднати бандери. Известени се СВР Велес, а од страна на ТППЕ Велес сеното ќе биде изгасено.
Од ЦУК информираат дека невремето има направено штети и во с.Мартолци, Општина Чашка.
– Од ЈКП „Тополка“ има испратено екипи на терен за расчистување на местото викано Долги Рид, исто така има и паднати бандери за кои се задолжени ЕВН за нивно расчистување. За оваа настаната ситуација известен е и директорот на ЕВН – велат од ЦУК.