Во минатите 30 години во лигата продефилираа играчи од 120 земји и од 63 националности. Премиер-лигата се емитува во 800 милиони дома, во 188 земји, преку 90 ТВ-оператори и на повеќе од 400 канали
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГАТА ПРОСЛАВИ 30 ГОДИНИ
На мечот Ливерпул – Кристал палас (1-1) изминатиот понеделник, Премиер-лигата прослави 30 години постоење, кој англискиот клупски фудбал го трансформира во водечки спортски забавен производ во светот, пишува „Ројтерс“.
Во 1992 година, врвните англиски клубови ја прекинаа 104-годишната традиција со тоа што се одделија од Фудбалската лига и создадоа своевидна „суперлига“, која ќе располага со сопствениот приход наместо да го дели со клубовите во четирите професионални лиги на Англија. Тој потег стана реалност и поради тоа што беше поддржан од Фудбалска асоцијација (ФА) на Англија, одлука што беше сметана за предавство од многуте помали тимови, некои домашни телевизиски компании и од скептични навивачи. Телевизијата Скај на Руперт Мардок беше таа што ги обезбеди правата за преноси и силно ја промовираше лигата, која од основањето се базираше врз приходите од ТВ-правата за емитување на мечевите.
– Мислам дека повеќемина пред 30 години не сфативме што ќе стане Премиер-лигата. Тоа беше нова работа и многу возбудливи времиња. Имаше девојки што танцуваа во понеделник навечер и сето тоа беше фантастично – вели Теди Шерингам, кој го постигна првиот телевизиски гол во лигата, за Нотингем форест, на мечот против Ливерпул.
Со текот на времето, приходите од ТВ-правата за пренос на натпреварите им овозможија на клубовите да привлечат врвни играчи од целиот свет, што пак предизвика заинтересираност и во странство. Во првиот викенд од првата сезона во Премиер-лигата, во 1992 година, имаше само 13 играчи надвор од Британските Острови и со 29 различни националности. Но во наредните 30 години во лигата продефилираа играчи од 120 земји, од 63 националности. Сега Премиер-лигата се емитува во 800 милиони дома, во 188 земји во светот, преку 90 ТВ-оператори и на повеќе од 400 канали. Премиер-лигата и нејзините клубови имаат речиси една милијарда следбеници на социјалните мрежи.
Годинава лигата првпат ќе генерира повеќе приходи од зделки со странски телевизии отколку од етаблираниот домашен пазар. Кога ќе се склучат сите зделки, лигата очекува продажбата на ТВ-правата во странство да генерира 5,3 милијарди фунти (6,40 милијарди долари) во следните три сезони, како и 5,1 милијарди фунти од британските ТВ-компании.
Во Премиер-лигата играа 50 клуба, а доминираа клубовите од големите градови, со исклучок на Блекбурн и на Лестер. Само седум клуба може да се пофалат дека триумфирале во лигата. Во раните 1990-ти години доминираше Манчестер јунајтед, кој освои седум од првите девет титули (вкупно 13), под водство на Алекс Фергусон, во ера во која водеше епски битки со Арсенал, предводен од Арсен Венгер, кој беше првак во 1998, 2002 и 2004 година. Друг лондонски клуб, Челси, поддржан од Русинот Роман Абрамович, ги освои титулите во 2005 и 2006 година (вкупно пет), под водство на Жозе Мурињо, пред Јунајтед да ја поврати доминацијата, со играчи како Вејн Руни и Кристијано Роналдо.
Манчестер сити, под водство на Пеп Гвардиола, доминира последниве години, освојувајќи четири од петте титули (вкупно шест). Низата ја прекина само Ливерпул во 2020 година, нивна прва титула во Премиер-лигата и прва по 30-годишна пауза.
– Лигата е полна со привлечни ликови, без разлика дали се тоа играчи или сè повеќе менаџерите. Постојано произведува привлечни приказни, кои ја доловуваат имагинацијата на навивачите низ светот. Премиер-лигата го создаде „производот“ или барем го професионализира и соодветно ѝ го пласира на глобалната публика – вели експертот за спортски маркетинг Крис Кук од „Фанкарв“.
Прашање што се поставува сега е дали Премиер-лигата ќе остане најгледана во светот и во следните 30 години.
– Каде е заканата? Тоа е Суперлигата. Бев по малку изненаден што беа вклучени шест англиски тима. Можеби тие би можеле да преселат лига во САД, оттаму може да дојде и заканата. Ако еден ден Америка биде успешна во фудбалот, тогаш тоа може да биде проблем за Премиер-лигата – изјави Арсен Венгер за „Скај спорт“.
Л.Д.