Вооружен маж зема заложници во банка во Бејурт, Либан, по што стана своевиден херој на нацијата измачена од тешка економска криза, пишува „Вашингтон пост“.
Станува збор за извесен Басам ал-Шеик Хусеин што влегол во Федералната банка на Либан во предградието Хамра, носејќи канта со бензин, при што се заканувал дека ќе се запали доколку не добие пристап до парите на неговата сметка, во износ од 210 илјади долари. Тој потоа мавтал и со пушка што довело до тензични повеќечасовни преговори.
Како што одминувало времето, пред банката се собирал народ за да го поддржи, при што присутните извикувале „вратете му ги парите“, пред војниците распоредени околу банката.
Ал-Шеик Хусеин упаднал во банката, велејќи дека му се потребни парите за да плати медицински трошоци за лекувањето на неговиот татко, што подоцна го потврдил и неговиот брат. Банките во Либан моментно дозволуваат повлекување на 400 долари месечно.
Ваквата ситуација во Либан на извесен начин потсетува на американскиот филмски хит „Џон Кју“ од 2002 година, во кој Џон Квинси Арчибалд (го игра Дензел Вашингтон) очајнички зазема болница под закана со оружје, држејќи заложници, кога сфаќа дека здравственото осигурување нема да ги покрие трошоците за трансплантација на срце на неговиот син.
Посредникот при преговорите истакнал дека Ал-Шеик Хусеин држел осуммина заложници од кои седуммина биле вработени во банката. Киднаперот одбил понуди од пет, 10 и 30 илјади долари, пред да ја прифати сумата од 35 илјади долари што требало да му бидат дадени на неговиот брат, за тој да се предаде и да ги пушти на слобода заложниците.
По тензичната ситуација што траела речиси седум часа, Ал-Шеик Хусеин бил изнесен од банката и ставен во комбе. Дел од собраните пред банката го поздравиле, изразувајќи му поддршка. Не е познато со какви обвиненија ќе се соочи.
Меѓу оние што го поддржаа Ал-Шеик Хусеин е и уметничката Сенди Чамун.
– Секој од нас бил ограмен од различни места, од банките и од владата. Сметав дека треба да бидеме тука, да го поддржиме, за тој да не се откаже и за да не се чувствува осамен или заробен. Ова е самоодбрана. Поминале три години откако тој не може да дојде до своите пари, а сега им кажува оти неговиот татко е болен. Што повеќе можат да бараат тие од него – кажа Чамун, чии покојни родители работеле во банка, но не можеле да пристапат до животната заштеда кога избила кризата.
Инцидентот е поврзан со големата фрустрација во Либан поради економската криза што постојано се влошува. Од 2019 година во либанските банки е воведено ограничување на сумата што може да се повлече со цел да се избегне колапс на финансискиот систем. Но ваквата практика доведе до низа протести низ државата, барајќи одговорност од политичките лидери и ставање крај на корупцијата.
Либан и натаму продолжува да тоне со слабеењето на националната валута чија вредност се намали за 20 пати во однос на доларот, а се проценува дека 46 отсто од либанските домаќинства немаат доволно храна.
Постои стравување дека економската криза ќе резултира со други очајнички постапки на Либанците за да дојдат до пари по овој инцидент, како што заклучува „Вашингтон пост“.