Најмладите коњаници на Илинденскиот марш се девојчиња од 13 и од 15 години

Најмладите учесници на Илинденскиот марш во мавровско-горнореканската коњаница се девојчиња на возраст од 13 и од 15 години, а станува збор за Андреа Данаиловска од селото Зубовце и за Матеја Ѓорѓиоска од Кичево. Двете потврдуваат дека воопшто немале предрасуди да јаваат на толку долга релација со доминантно присуство на машки коњаници.
– Иако имам само 13 години, јас од својата петта година јавам коњ, бидејќи во моето село Зубовце секогаш имавме коњ, кој можеше во секој дел од денот да ми стои на располагање. Бидејќи со дел од коњаниците добро се познавам, не беше воопшто проблем да се одлучам годинава за првпат да учествувам на Илинденскиот марш. Секако, добредојдено е и присуството и на Матеја Ѓорѓиоска, која од ланската година има одредено искуство бидејќи учествуваше на Илинденскиот марш – ни рече најмладата учесничка Андреа Данаиловска.
Нешто повозрасната Матеја Ѓорѓиоска по ланското огнено крштевање, кога за првпат беше дел од кичевската коњаница, годинава одлучи повторно да биде на Илинденскиот марш, а сега ѝ е полесно бидејќи во коњаницата има уште едно девојче.
– Ланската година постоеше мала дилема дали сакам да бидам дел од Илинденскиот марш или не, па откако сѐ помина во најдобар ред посакав и годинава да бидам дел од коњаницата за Илинденскиот марш, а одлуката ми ја олесни и сознанието дека со нас ќе има уште едно девојче. Инаку, станува збор за Андреа Данаиловска од Гостивар. Среќни сме што времето нѐ послужи и сѐ помина во најдобар ред. Јас благодарение на претходното искуство, сите етапи до Крушево ги минав според планираното и токму затоа посакувам да учествувам во коњаницата и во наредните години – нагласи Матеја Ѓорѓиоска.

З.А.


Македонија

Мајка си на Климента,
на Наума, Гоцета и Јанета
и на сите што те бранеле,
и на сите што те чувале
што те сакале и што се радувале.

Мајка си на војводи и херои,
на печалбари и на земјоделци,
на твои ќерки и красни синови
што умееле со рани да станат
да те чуваат и да те бранат!

Мајка си ми и моја најсакана
иако со херојство не се истакнувам,
но затоа умеам да те чувам и сакам,
затоа, Македонијо, тебе те бакнувам!

Саво Костадиновски
(Од книгата „Македонија и
нејзините синови“)