Итната медицинска помош од Прилеп од денеска е преместена во објектот на болницата. Префрлањето на итната помош во болничката зграда, велат од болницата, е во интерес на подобро функционирање, но и на пациентите кои ќе добиваат побрза услуга.
– Решивме да ја преместиме итната помош од постоечката барака во реновираниот оддел, со што ќе заштедиме во енергија и поефикасно ќе работиме. Пациентите кои ќе
бидат донесени со итна помош ќе добијат побрза лекарска помош и ќе бидат направени
дијагностички прегледи, за потоа да се упатат на соодветните одделенија – вели Кети
Смилеска, директорка на болницата „Борка Талески“ во Прилеп.
Просторот е околу 300 метри квадратни, опремен е и итната помош тука добро ќе
функционира 24 часа. Еден мал дел е оставен за ургентно одделение, но тоа ќе биде
ставено во функција кога ќе се екипира.
Проблем е недостигот од лекари, но и од нови возила, бидејќи постоечките застаруваат. Во итната помош има десетина лекари, 20 медицински сестри и 15-тина возачи. Оваа бројка е минумум, па надлежните велат дека се потребни уште петмина лекари за итната помош нормално да функционира.
Итната стоматолошка амбуланта која исто беше во просторот на досегашната итна помош ќе биде префрлена на максилофацилијалното одделение, додека амбулантата за
кожни болести во здравствениот дом. Ка.М.