Референдумот што го бара Христијан Мицкоски е само за внатрешна партиска и политичка употреба во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи е против зачленување во ЕУ и тоа барање е нерелевантно, почнавме преговори со ЕУ и нема враќање назад, истакна премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на Тетово.
-Република Северна Македонија ги почна преговорите и тоа ги почнавме со чист македонски јазик, со заштитен идентитет, напишано на хартија и потврдено од претставници на Европската комисија. Оваа држава од денот на одржувањето на првата меѓувладина конференција, го започна патот кон зачленување во ЕУ. Од тој пат нема ниту назад, нема ниту лево, а уште помалку има десно кон Исток, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кој треба да биде против зачленување во ЕУ – посочи Ковачевски.
Ковачевски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ беше партија која беше против членството во НАТО, а сега заедно со новиот коалициски партнер Левица се единствените партии што се против членството во ЕУ и тоа го покажаа и во Собранието кога се гласаа Заклучоците кои обезбедија почеток на преговорите со ЕУ.
Со одење против референдум Ковачевски го помножи народот со нула, а народот ќе му покаже дека тој е нула, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-И денеска Ковачевски оди со глава во ѕид против народот, без да понуди едно рационално објаснување зошто бега од референдум. Ако е се како што кажува Ковачевски, тогаш нема причина да се плаши за своите политики. Но очигледно Ковачевски е свесен дека народот е против асимилацијата која тој ја турка и затоа бега од соочување со него. Референдумот е една од најголемите придобивки на демократијата. И како таков служи за власта да се води по ставот на народот.Со бегање од референдум, Ковачевски покажува дека не му е важен ставот на народот и го множи со нула, но тој треба да биде свесен дека со ваквиот однос кон народот тој самиот ќе биде нула и на референдумот и на следните избори – велат од партијата.