Испораките на гас за Бугарија може да се обноват во секое време доколку бугарската страна плати за нив според шемата што им одговара на барањата на „Газпром“, изјави руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова во интервју за телевизијата „Русија-24“, пренесува Нова ТВ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Митрофанова очекува прагматизмот во Софија да надвладее во прашањето за гасот, но додава дека засега нема позитивни сигнали во оваа насока.
Таа информира дека многу бугарски енергетски експерти ја повикуваат официјална Софија на прагматизам и на враќање на договорот со „Газпром“, што е со важност до крајот на оваа година.
– Така што, веднаш откако бугарската страна одлучи да плаќа според шемата што ја бара „Газпром“, односно да плати во евра на посебна сметка, која ќе биде претворена во руски рубљи, ќе продолжи испораката за Бугарија – рече амбасадорката Митрофанова.
Изјавата на Митрофанова доаѓа неколку часа откако бугарската Влада во заминување објави дека потпишала договор за набавка на седум танкери со течен гас во периодот од октомври годинава до април следната година.
Претходно, бугарскиот претседател, Румен Радев, ги критикуваше постапките на владата на Кирил Петков во областа на енергетиката.
Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, Бугарија во март платила во евра, според договорот со „Газпром“, но компанијата ја вратила исплатата бидејќи не била извршена во руски рубљи, според Указот на претседателот на Русија Владимир Путин.