Отворањето на ЛОИ 2024 е предвидено да се одвива на бреговите на реката Сена, во коњички спорт, крос-кантри е на програмата во градините на Версај, во сурфање натпреварите ќе се одвиваат на Тахити… ЛОИ 2024 треба да бидат со најголема родова рамнотежа во историјата на ЛОИ, а акцентот на распоредот на мечевите е ставен на обезбедување алтернација помеѓу финалињата во машка и во женска конкуренција, пишува ИОК
ЛОИ 2024 ВО ПАРИЗ
До почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, во 2024 година, остануваат две години, а Организацискиот одбор го објави календарот за спортски натпревари по настани на Игрите. Вкупно ќе има 32 спорта, со 329 настани распоредени во 18 дена натпреварување, од 24 јули до 11 август 2024 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница. „Игри ширум отворени“ е заедничкиот слоган и за ЛОИ и за Параолимписките игри во Париз во 2024 година, објави ИОК.
Игрите во Париз почнуваат со отворање преполно со акција, во осум спорта, велосипедизам, џудо, мечување, скокови во вода, рагби, стрелаштво, пливање и во скејтборд. Сите финалиња на пливачките настани и атлетиката ќе се одвиваат во вечерните часови. Според распоредот објавен од ИОК, натпреварите во, на пример, фудбал треба да почнат на 24 јули, во ракомет на 25 јули, во кошарка, пливање, стрелаштво, одбојка и во џудо на 27 јули, во атлетика на 2 август, во борење на 5 август, во таеквондо на 7 август итн. Средниот викенд (3-4 август), исто така, ќе има возбудливи натпревари за медали во тенис, пинг-понг, џудо, мечување, атлетика, стреличарство, стрелаштво, велосипедизам, голф, коњички спортови, веслање, ритмичка гимнастика, бадминтон и во пливање.
ЛОИ 2024 треба да бидат со најголема родова рамнотежа во историјата на ЛОИ, а акцентот на распоредот на мечевите е ставен на обезбедување алтернација помеѓу финалињата во машка и во женска конкуренција, пишува ИОК. Последниот олимписки златен медал што треба да се додели на ЛОИ 2024 ќе биде во кошарка за жени, по финалето во арената „Берси“, на 11 август. Ракометните финалиња треба да се играат пред 27.000 гледачи, на стадионот во Лил, од 15 часот на 10 август за жени и од 13.30 часот следниот ден за мажи. Отворањето на ЛОИ 2024 е предвидено да се одвива на бреговите на реката Сена, во коњички спорт, крос-кантри е на програмата на 28 јули, во градините на Версај, во сурфање натпреварите ќе се одвиваат на Тахити, од 7 часот по локално време (19 часот според средноевропско време) на 30 јули…
Влезници од 24 евра, првпат и пакет-билети за три спорта
Повеќе од еден милион билети ќе бидат понудени по 24 евра, објави Интернационалниот олимписки комитет на својата интернет-страница. Речиси половина од билетите за пошироката јавност ќе имаат цена помала или еднаква на 50 евра, а една третина за 100 евра или помалку. Цените на единечните билети за ЛОИ 2024 ќе се движат од 24 до 950 евра (без церемониите). Првпат ќе има можност да се купи пакет со повеќе билети до три спорта, па, на пример, ќе може за цена од 72 евра да се следи атлетика, ракомет и рагби, или ритмичка гимнастика, џудо и ватерполо, или едрење и фудбалски натпревар во Марсеј, или голф, коњички спорт и планински велосипедизам во Ивелин.