Лидерот на Ал каеда Ајман ал Завахири убиен во напад на американски дрон
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа од Белата куќа соопшти дека во напад на дрон на ЦИА во Кабул, Авганистан, бил убиен лидерот на Ал Каедa, Ајман ал-Завахири. Нападот се случил во саботата во предградие на Кабул, додека Завахири се наоѓал на балкон во објектот каде престојувал.
Завахири ја предводеше групата од 2011 после убиството на Осама бин Ладен и се сметаше за еден од главните организатори на терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.
– По заминувањето на нашите војници од Авганистан пред една година… му ветив на американскиот народ дека и покрај тоа ќе продолжиме со ефективна контратерористичка операција во Авганистан и пошироко, во февруари елиминиравме емир на ИД, минатиот месец ликвидиравме уште еден лидер на ИД, а сега го отстранивме и емирот на Ал каеда – изјави Бајден.
Додаде дека со оваа акција Авганистан нема повеќе да се користи како инкубатор за терористи.
Тој им порача на сите оние кои се огрешиле во тоа да напаѓаат американски објекти и војници.
– Сега правдата е задоволена и овој терористички лидер веќе го нема. Без оглед колку долго трае, без оглед каде и да сте се криеле, ако сте закана за нашиот народ, САД ќе ве најдат и ќе ве отстранат – истакна Бајден.
Бајден изјави дека убиството на Ајман ал Завахири ќе донесе некаква утеха за оние чии роднини беа убиени за време на терористичките напади на 11 септеври 2001 година.
– Соочени со неподготвеноста или неспособноста на tалибанците да ги исполнат своите обврски, ние ќе продолжиме да го поддржуваме авганистанскиот народ со силна хуманитарна помош и ќе се залагаме за заштита на нивните човекови права, особено на жените и девојчињата – истакна американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Завахири се смета за еден од терористичките водачи кои го предводеа планирањето и извршувањето на грозоморните терористички операции во САД и Саудиска Арабија“, се посочува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија.
Смртта на Ајман ал-Завахири е чекор кон побезбеден свет. Канада ќе продолжи да соработува со нашите глобални партнери во борбата против терористичките закани, промовирање на мирот и безбедноста и заштита на луѓето овде дома и ширум светот“, наведе канадскиот премиер Џастин Трудо.
„Вечерашните вести се исто така доказ дека е можно да се искорени тероризмот без војна во Авганистан. И се надевам дека ќе им обезбеди барем малку мир на семејствата на загинатите на 11 септември и на сите други кои страдаа од рацете на Ал каеда“, напиша на Твитер поранешниот американски претседател Барак Обама.