Собранието на денешната 78. седница со 61 глас „за“ го усвои ребалансот на буџетот за 2022 година. Вкупните приходи се проектирани на ниво од 245,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 288,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 отсто од БДП, што е пониско во однос на минатата година.
Со ребалансот, како што соопшти Министерството за финансии, се обезбедуваат средства за раст на пензиите и платите во одделни дејности во јавниот сектор, за ранливите категории на граѓани, средства за фирмите за поддршка на растот на платите во приватниот сектор, дополнителни средства за земјоделците за повисоки приноси и стабилизирање на цените на храната, како и за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите од тековната ценовна криза.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи го ребалансот на буџетот во Собранието, посочи дека тој треба да постигне две важни цели – да се одржи макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и социјалната сигурност на граѓаните.
Кај тековните трансфери се прави нагорна корекција за околу 19 милијарди денари. Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата. Во рамки на овие средства планирана е дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Проектирани се и дополнителни субвенции и трансфери за земјоделците, односно дополнителни 3,2 милијарди денари на првично планираните субвенции со цел да се стимулираат приносите и продуктивноста, за да се амортизираат на ценовните притисоци на основните прехрамбени производи. Повисоки трансфери планирани се и за општините, пред сѐ поради раст на блок-дотациите за покачување на платите во градинките и во основните и средните училишта за 15 отсто.
Со ребалансот, обезбедени се средства за раст на пензиите, согласно новата методологија за пресметка, според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50 отсто. Исто така, предвидени се и субвенции за придонеси за поддршка на работодавачите за раст на платите во приватниот сектор, вклучително и ефектот за субвенционирање на придонесите за минималната плата. Дополнителни 2,4 милијарди денари, предвидени се за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.
Капиталните расходи се ревидирани надолу во однос на иницијалниот план, но сепак, тие годинава се на рекордно ниво, односно за 8,8 милијарди денари или 37,8 отсто повисоки во однос на минатата година и за 16,1 милијарди денари, или два пати повисоко во однос на 2020 година.