ТУР ДЕ ФРАНС, 12-ТА ЕТАПА

Том Пидкок првпат победи на една етапа на велосипедската трка Тур де Франс, и тоа на познатата планинска етапа Алп д’Уез и со 22 години стана најмладиот победник на таа етапа. Со тоа, светскиот шампион во цикло-крос и олимписки првак во планински велосипедизам се врати меѓу водечките 10 во генерален пласман на Тур де Франс. Во водство остана Јонас Вингегард и ја задржа жолтата маичка.
Покрај тоа што се бореше со топлината на Алпите, тој мораше да вози и низ „ѕид“ од гледачи што го преполнија патот, создавајќи уникатна и бурна атмосфера за сите возачи, пишува „Би-би-си“.
– Тоа беше неверојатно, едно од најлудите искуства досега. Едвај можев да слушнам нешто. Имаше многу точки каде што мислев дека ќе ме изнесат, но тоа беше едно од моите најдобри искуства во возењето велосипед. Беше нереално, слалом низ знамињата и луѓето – рече Пидкок, пренесе „Би-би-си“.
Пласман по 12 етапи: Јонас Вингегард (46 часа, 28 минути, 46 секунди), Тадеј Погачар (плус 2:22 минути), Герент Томас (плус 2:26 минути), Ромен Барде (плус 2:35 минути), Адам Јејтс (плус 3:44 минути) итн.