Поранешниот американски советник за национална безбедност Џон Болтон за „Си-ен-ен“ изјави дека тој лично бил вклучен во „планирање државни преврати“ во странски земји. На забелешка на водителот дека не треба да се биде „супер паметен за да се планира државен удар“, Болтон рече дека не се согласува.
– Како некој што помогнал во планирањето на државни удари, не тука, сфаќате нели, на друго место, за тоа е потребно многу работа – одговори со смирен тон поранешниот советник на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.
Тој не прецизираше за кои државни преврати учествувал во планирањето.
Болтон, исто така, тврдеше дека нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година не бил обид за државен удар во САД. Според него, Трамп цело време „скокал од една на друга идеја“. Познат по своите воинствени ставови за дипломатијата, Болтон беше советник на Трамп во 2018 година пред да биде отпуштен. Болтон ја даде оваа изјава во време кога комисијата на американскиот Конгрес се обидува да ја утврди улогата на Трамп во нападот на Капитол, што се случи на 6 јануари 2021 година.
„Воинствениот јастреб“ Џон Болтон е ветеран уште од времето на администрациите на Реган и Џорџ Буш, а беше и амбасадор на САД во Обединетите нации во администрацијата на Џорџ Буш помладиот од август 2005 до декември 2006 година.
Додека паузираше од политиката, Болтон ги објави своите мемоари под наслов „Предавањето не е опција“, а работеше и со многу неоконзервативни тинк-тенкови и како коментатор за мрежата „Фокс њуз“. Болтон беше еден од најгласните заговорници за цврста надворешна политика, заговорник на војната во Ирак, а подоцна ја фаворизираше можната воена акција против Северна Кореја и Иран.