Фото: Игор Бансколиев

Експертите по меѓународно право предупредуваат дека акти потпишани од министер за надворешни работи, премиер и од претседател имаат непосредно, т.е. директно правно дејство, бидејќи го инволвираат правниот субјективитет на државата на меѓународен план. Меѓународноправните акти потпишани од овие официјални претставници на државата претставуваат акти на кои се обврзала државата, како меѓународноправен субјект!

Сериозна несериозност во врска со прифаќањето и одобрувањето на францускиот предлог

Претпроцедурата за започнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, замислена во повеќе чекори во т.н. француски предлог, остава привид дека дури и да започне процедурата за негово прифаќање во македонското собрание, може да се интервенира и да се дерогира некоја веќе претходно донесена одлука за веќе прифатениот документ. За таквиот впечаток во јавноста, за леснотија во можноста за интервенција, одредено влијание имаат предлогот и ставот на претседателот Пендаровски, за дополнителна изјава во предлогот од македонската влада – процесот на евроинтеграции да биде прекинат доколку повторно се активира оспорувањето на македонскиот идентитет, јазик, историја…

Собранието или Уставниот суд, во смисла на меѓународното право, не можат да влијаат спротивно на евентуално потпишаниот акт од премиерот или од МНР

Според идејата на францускиот предлог, првиот чекор од предусловите за одблокирање на бугарското вето за македонските евроинтеграции би било потпишување на билатералниот протокол со Бугарија за спроведување на Договорот за добрососедство. Протоколот е дипломатски акт, за кој полномошно право има да го потпише министерот за надворешни работи, без потоа да оди на ратификација во Собранието. Премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи Османи уверуваат дека тој протокол е независен документ, кој никако не е поврзан со преговарачката рамка за Македонија со ЕУ. Но дури и навистина формално да не е наведен протоколот во преговарачката рамка, неговото потпишување е услов за да се организира политички состанок меѓу Македонија и ЕУ, на кој ќе бидат дадени заклучоци за протоколот и ќе биде препорачана промена на македонскиот устав за да бидат внесени Бугарите како етничка заедница во Македонија. Дури откако ќе биде сменет Уставот (за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието) ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ, на која ќе биде утврдена преговарачката рамка за Македонија, во која како критериуми за исполнување ќе бидат наведени спроведувањето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Компликуваната процедура за Македонија, со голем број предуслови само да се стигне до почетна позиција за преговори со ЕУ, навидум остава простор за можност дека во одреден момент од процесот, Собранието и Уставниот суд (како институции во државата) можат да интервенираат, односно да влијаат спротивно на евентуално потпишаниот акт од премиерот или од министерот за надворешни работи. Но експертите по меѓународно право предупредуваат дека акти потпишани од министер за надворешни работи, премиер и од претседател имаат непосредно, т.е. директно правно дејство, бидејќи го инволвираат правниот субјективитет на државата на меѓународен план. Меѓународноправните акти потпишани од овие официјални претставници на државата претставуваат акти на кои се обврзала државата, како меѓународноправен субјект! Таквите билатерални акти, кои се наметнуваат како предизвик со уцена за македонските евроинтеграции, се Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, со кој сега, како предуслов за ефективен почеток на преговорите се поставува потпишувањето на протоколот за негово спроведување.

Неколку заблуди од процедурален карактер лиферувани во јавноста

– Македонските правници што мислат дека ќе може да се поништи некој меѓународен правен акт пред Уставниот суд или во Собранието, треба да знаат дека ваквите „внатрешни“ поништувања немаат никаков ефект во системот на организираната меѓународна заедница.
Имено, актите од меѓународноправниот сообраќај, потпишани од страна на овластените државни функционери, (според меѓународното право: претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи), се посилни од сите домашни уставни постапки. Во тој контекст, дипломатската нота што ја испраќа еден од тројцата наведени државни функционери не се третира како писмо на индивидуална личност, туку како акт на државата, што е субјект на меѓународните односи.
Истото важи и за раскинувањето. Треба да се знае дека за меѓународната заедница да констатира дека некој билатерален, меѓународен договор е раскинат, една од страните треба да испрати дипломатско писмо до другата страна, но и до односната меѓународна организација дека тој е поништен. Но ако се праќа писмо со кое се информира друга страна дека актот е поништен, ова е идентично како и да се праќа дипломатското писмо со кое се дава изјава дека актот е – раскинат!
Токму горенаведеното не треба да прави забуна кај домашните правници. Апсолутно се непотребни сите постапки во врска со меѓународноправните акти, (пред Уставниот суд или Собранието), а во врска со поништувањето! Тоа би било само губење време – вели универзитетскиот професор по меѓународно право Игор Јанев.
Како искуствен пример за раскинување билатерален договор, професорот Јанев го посочува раскинувањето на Бледскиот договор меѓу Бугарија и Југославија. Бледскиот договор од 1947 година еднострано е раскинат од страна на Бугарија во 1949 година. Во образложението за раскинување на договорот, Бугарија се повикува само на своите суверени права и суверени интереси, т.е. Бугарија не дава никакво поконкретно објаснување за ваков чекор! Според Јанев, врз иста основа, Македонија може да ги раскине и Договорот за добрососедство од 2017 година и протоколот за негово спроведување (ако се потпише) од оваа 2022 година, а слично може да се постапи и со Преспанскиот договор!