„Демократска Бугарија“ (ДБ) е подготвена, доколку ѝ биде доделен мандат, одговорно и дијалошки, ќе се обиде да направи сè што е можно за формирање нова влада во рамките на овој состав на Народното собрание на Бугарија, изјави претседателот на пратеничката група на ДБ, Христо Иванов.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Иванов оцени дека ДБ се докажа со својата одговорност и подготвеност на дијалог, а следната година ќе се решат важни кризи за Бугарија.
Тој додаде дека најдобро е да има влада во Бугарија, всушност дека најдобро би било да се формираше влада со првиот мандат. Според него, ако БСП го добие третиот мандат, тогаш ДБ ќе разговара за тоа прашање со нејзиното раководство.
„Демократска Бугарија“ апелира претседателот Румен Радев да продолжи со консултациите со парламентарните политички партии. Доколку првиот мандат се покаже како неуспешен, според него, би било добро претседателот на Бугарија да одржи уште една рунда консултации пред да го врачи третиот мандат за формирање нова влада во рамките на 47. Народно собрание на Бугарија.