Заеднички синхронизиран настап на „Отворен Балкан“ во Брисел
Премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил најави дека премиерите на трите држави-членки на иницијативата „Отворен Балкан“ донеле одлука да одат на самитот во Брисел, објавувајќи притоа дека Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Малку пред тоа и службата за односи со медиумите на српскиот претседател Александар Вучиќ издаде соопштение во кое потврди дека по детални и сеопфатни консултации со соработниците и членовите на владите, лидерите на трите земји од „Отворен Балкан“ одлучија да одат на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.
Притоа, се наведува дека во разговорот меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, и премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, биле договорени принципите што ќе бидат главен столб на разговорите со голем број претставници на Европската Унија.
„Со оглед на тоа што Србија, Албанија и Македонија доследно ги застапуваат интересите на своите граѓани и на целиот регион на Западен Балкан на сите релевантни меѓународни форуми, одлуката за учество и заеднички пристап на самитот во Брисел е уште еден чекор во напредокот на нашите земји, но и јасен сигнал дека, и покрај многубројните пречки, продолжуваме да даваме конструктивен придонес на патот кон евроинтеграциите“, се наведува во соопштението.
Притоа се додава дека лидерите се свесни дека темите за кои ќе разговараат на самитот нема да бидат лесни, но дека нивното учество уште еднаш ќе ја покаже и потврди нивната посветеност на европскиот пат на Србија, Албанија и на Македонија.
„Исто така, беше договорено дека на средбите во Брисел ќе продолжиме да се бориме за дијалогот како главен и единствен правилен модел за решавање на сите отворени прашања, со напори за зајакнување на меѓусебната доверба и интензивирање на комуникацијата со претставниците на Унијата, се со цел продолжување на борбата за подобар живот на сите наши граѓани“, се вели во соопштението.