Проблемот за малите играчи, независно каде се наоѓаат, дали се во сојуз или не, во рамките на меѓународните односи не е од сега. Тој проблем историски можеби најавтентично е отсликан во мелијанскиот дијалог. За оние што се занимаваат со меѓународните односи, дипломатијата, геостратегијата, геополитиката, доктрината и сл., ова четиво, што би рекле „Јенките“ во жаргон, е „маст“ или, по наше, нешто без што не се може.
Накратко, само да потсетиме дека станува збор за случај од времето на Пелопонеските војни. Во конкретниот случај, Атињаните сакале да го искористат стратегискиот момент за да се стекнат со предност пред Спартанците, со кои потпишале примирје (ама, народски кажано, било колку да се рече, оти едноставно не си верувале едни на други). Милетанците, плашејќи се од вештината на Атињаните во дипломатијата, кога Атињаните се појавиле пред портите предложиле тајни преговори. Во преговорите, кои Тукидит ги забележал, милетанците ги истакнале принципите (донекаде вредности) на воспоставените односи помеѓу тогашните актери на политичката сцена и им тврделе на Атињаните дека нивната неутралност треба да опстои.
Ставовите за тоа дали и како требало да постапат милетанците, генерално, се движат помеѓу два екстрема. На едната страна се оние што метафорички сметаат дека малите се едноставно мали и тоа треба да го прифатат, оти големите риби ги јадат малите, а малите ги јадат ракчињата. На другата страна, пак, (со елоквентни примери, да не се лажеме), се оние што сметаат и веруваат во политиката на „долгиот стап“ – (за која, според многумина, Рузвелт е најпознат во практика). Тоа во практика значи дека дипломатијата е битна, ама не е сѐ. Кога работите ќе станат жешки, силата е таа што „бога не моли“. Овој проблем, ако не се лажам, и кај нас беше актуелен, особено во времето на големото беседење пред неколку години за името. Професорот Малевски, си спомнувам, тогаш, во свој стил се осврна на истиот тој случај, ставајќи го во македонски контекст. Во неговиот став се ограничи на првиот табор, метафорички „запаѓајќи“ во морален релативизам. Злобниците ќе речат дека резултатот за ваквата наивна перспектива во денешни услови (би рекол „космополитска“ претпоставка) е очаен. Впрочем, тоа може и да е разбирливо, бидејќи цел живот ако заглавите во една сфера, особено ако не сте предизвикан, може да ви создаде ѕидови, па и тунел во кој се убедувате и верувате дека тоа е тоа и нема друго.
Од друга страна, некој може да рече дека работите од тоа време (дури три и кусур години) и денес, нели, не се исти. Или, пак, некој може да забележи дека можеби некои чудни ветришта му ја поматиле перспективата што сакал да ја пренесе, па наместо да ги даде сите можни опции за конкретниот случај, се ограничил, би рекле тунелски, само на едната. Во вакви случаи често се присетувам на една изрека што ја кажа професорот Темелко Ристевски: „Боже мој, се случува!“. Ние би рекле дека постојат многу аргументации и интерпретации за исходот и за опциите што требало да се земат предвид.
За да ја скратам приказната, бидејќи поентата на дебатата не ми е само тоа, ќе прашам (како и тогаш по неколку форуми, секако), а „шу праиме со Израел“? -(математички, по таа логика, Израел е опкружен со околу двесте милиони Арапи, арно ама тие некако не ќе да ја следат „милеанската логика“ на професорот, тие ја следат онаа на Рузвелт, со политиката на долгиот стап). Сепак ова, драги мои, не е да се заземе страна или да се оцрни некој. Напротив, да се дадат опции што постојат, а за кои можеби од кои било причини сме биле ускратени. Уште повеќе, овој аргумент е обид за давање еден поинаков став.
Како контратеза на оние што со право ќе се обидат да изнесат аргументи дека малите се ограничени во многу нешта наспроти големите, се служам со Толстој и приказната за „волкот и лисицата“. Исто како што волкот ѝ рекол на лисицата дека ги остри забите не за сега, туку за кога ќе треба да се тепа, го користам Израел во практика, во кој велам дека комбинација на дипломатија и јакнење на капацитетите со чиста глава не се прави прекуноќ. Но, нејсе! Дебатата за ова ми е испровоцирана од неколку форуми во последните месеци, во организација на северноевропските и делумно западноевропските членки на Унијата, често во цивилниот сектор кај нас претставени како колепки на модерната демократија. На овие форуми – генерално за агресијата врз Украина, меѓу другото, овие демократии (кои во споредба со Русија се мали риби и треба да се здружат во јато за да не бидат изедени), покажуваат како Повелбата на ООН „у превод“ (условно) – уставот на светот, дозволува, ако работите се егзистенционални, да се излезе од рамката за генерална забрана за употреба на сила и да се активираат исклучоците за мирно решавање на споровите, преку употреба на сила.
Во превод (а и да стане појасно), речиси на сите форуми, особено оние што граничат со територијата на војната, дебатите се дека Русија мора да се порази -(изјавите не се од „професорчиња“ или „ен-џи-оу“ експертчиња, туку од официјални дипломатски претставници-челници). Она што мене почна да ми пречи, а во што ми се придружи и една Украинка, е што овие земји не си напишале домашно, па своите дипломати (а според Украинката и кај нив исто така) не ги советувале или не им дале инструкции на дипломатите што ги претставуваат дека приказната за „градење мостови“ во случај на спор, има свој „лимит“, особено ако е егзистенционална! Убеден дека имаат грешка, се тешам дека не се тоа двојни стандарди и дека од жештината на геостратегиските тектонски нарушувања им се создава „бел шум“- (електронско попречување во комуникациите – не дај боже Русите да имаат вмешано прсти со електронско попречување).
Ова, драги мои, е битно, оти „паламудење“ спроти фактот дека геостратегиските поместувања, дури и за два милиметри, кај малите може да значат дваесет метри отстапување од целта, особено ако не се подготвени, е егзистенционално. Затоа, пак, ако некому му користи, ќе продискутираме неколку параметри што треба да се имаат предвид и пак, не заради друго, туку заради ветриштата што дуваат од секаде и носат сѐ и сешто. Велика Британија има нов началник на вооружените сили, генералот Патрик Сандерс. Според „Индепендант“, новиот началник смета дека Британија мора да изгради армија што заедно со сојузниците ќе ја порази Русија во борба. Чисто онака попатно, генералот Сандерс е динамичен и страстен лидер, ама најверојатно на Британците случајно им се случила грешка, бидејќи човекот е со искуство за копнени операции и војување, а Британија е островска земја (историски била позната како кралицата на морето). На Франција, во исто време, ѝ се заканува институционална криза. По некои математики, Макрон со неговата Заедно има 246 пратеника од 577.
Левата зелена коалиција има 149, екстремно десните имаат 89, републиканците имаат 64 и помалите левоориентирани партии заедно 13 пратеника. Шпекулациите се дека се можни три опции – или институционална криза, или сојуз со републиканците, или избори следната година. Ветриштата од југоисток, пак, се дека Ердоган врши стихиен маневар, ама изгледа од прашината на ветриштата неговите команданти ја „утнале“ насоката. Па, наместо на југоисток, против терористите од ИСИС, тргнале накај северозапад. Таквата грешка сосема непотребно ги исплашила сојузниците и сега им прави трошок, оти од први некаде овој месец се со зголемена будност.
Една од ретките анализи, која е посвежа и е од ми се чини пред две недели, мошне интересно ги сумира фактите (и историски, дипломатски, но и културолошки – за нас во контекст на изворот може најбитно) за тоа што довело до конфликтот. Она што е особено интересно во динамиката околу тој проблем е што на внатрешен план Ципрас веќе го осуди Мицотакис дека сака Грција да ја претвори во сателит на САД.
Стравовите на југ се дека со војната во Украина, експанзионистичките амбиции на Султанот се зголемени. Позициите засега укажуваат дека веројатноста од ескалација е мала, но има и такви што не ја исклучуваат. Она што за нас е битно од сето ова е дека волците во глутница се најсилни, но и онаа народната дека „на волкот му е дебел вратот затоа што сам си ги лови овците“.
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.