Бил Гејтс ги предводи милијардерите што „удрија“ по криптовалутите додека тие се соочуваат со пад на вредноста при кризата на пазарот, согледувајќи ја ваквата ситуација како потврда за нивните сомнежи во дигиталните валути.
Трендовите на дигиталните поседи се потполно засновани на теоријата на заработка врз преценетите поседи, кажа коосновачот на „Мајкрософт“ во вторникот. Ваквото тврдење се однесува на теоријата оти инвеститорите можат да заработат на безвредни или преценети поседи, за какви што тој ги смета криптовалутите, се додека има подготвеност за наддавање. Гејтс се потсмеваше и на НФТ-делата од дигиталната уметност, велејќи дека „скапите дигитални слики на мајмуни значително ќе го подобрат светот“.
Коментарите на Гејтс уследија откако биткоинот и другите криптовалути претрпеа пад. Вредноста на најпопуларната светска криптовалута биткоинот падна под 23 илјади долари неделава, откако во ноември 2021 година изнесуваше рекордни 69 илјади долари.
Гејтс и претходно изразуваше сомнеж во криптовалутите. Во интервју за „Блумерг“ од минатата година, тој истакна дека не значи дека просечниот инвеститор треба да го следи примерот на Илон Маск кога тој инвестира во биткоин.
– Мислам дека луѓето веруваат во овие мании, иако можеби немаат вишок на пари. Затоа јас не поттикнувам на биткоинот – порача тогаш Гејтс.
Технолошкиот милијардер Марк Кјубан, пак, очекува отежнатиот пазар да резултира со ослободување на инвеститорите од акциите и од криптовалутите. Тој во разговор за магазинот „Форчун“ неделава предупреди дека бизнисите засновани на „лесните пари“ и еуфоријата ќе исчезнат.
– Кога станува збор за акциите и криптовалутите, ќе видите дека ќе исчезнат компаниите што беа одржувани од евтини, лесни пари, но немаа валидни бизнис можности – кажа Кјубан.
Сопственикот на НБА-клубот Далас маверикс го цитираше Ворен Бафет за да потенцира како растечката инфлација и иссториските зголемувања на каматните стапки ги уриваат цените и акциите на криптовалутите.
– Како што кажа Бафет, кога плимата ќе се повлече, тогаш ќе видите кој плива гол – истакна Кјубан.
Тој смета дека квалитетните апликации и технологии секогаш ќе успеат, дури и ако се воведени за време на пазар во опаѓање, додека технолошките акции и криптовалутите ги очекува „тешка борба“. Кјубан се збогати откако основа интернет-радио стартап што го продаде на „Јаху“ за 5,7 милијарди долари во 1999 година.
Меѓу милијардерите што досега јавно ги критикуваа криптовалутите, е и индискиот инвеститор Ракеш Џунџунвала, кој порача оти нема да купи биткоин дури ниту за пет долари, како и Ворен Бафет, кој своевремено отиде подалеку, нагласувајќи дека не би ги купил сите биткоини ниту за 25 долари. Слични размислувања истакнаа и Сем Зел, Џејми Димон и Чарли Мангер.