На крајот од денешната заедничката литургија меѓу Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Архиепископот г.г. Стефан во Фанар, Истанбул, патријархот одржа своја беседа на грчки јазик.
Ви пренесуваме извадок од неговата беседа:
– Најсвештен Архиепископе Охридски г. Стефане, на крајот на денешното наше историско сослужување со Вас, во овој наш Сечесен Патријаршиски Храм, го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Северна Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму.
Особено се радуваме за личното присуство на Превосходниот Претседател на Владата на Северна Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас.
Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет. Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и Кој ги лекува раните, Кој ги надополнува човечките недостатоци, Кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу Епископите на Источната Света Христова Црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин – вели во беседата патријархот Вартоломеј.
Во четвртокот патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство.
Во петокот се одржа и празничната литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх на која молитвено присуствуваа и членовите на нашата црковна делегација.
Почна првата заедничка литургија на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан
За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.