Советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за Би-Би-Си дека од 100 до 200 украински војници ги губат животите на линијата на фронтот секој ден.
Михаило Подољак рече дека на Украина и се потребни стотици западни артилериски системи за да ги израмни силите со Русија во источниот регион Донбас. Тој додаде дека Киев не е подготвен да ги продолжи мировните преговори со Москва.
Украинските трупи се под постојано бомбардирање додека руските сили се обидуваат да ја преземат контролата врз целиот Донбас.
– Руските сили фрлија со речиси секое ненуклеарно оружје на фронтот, а тоа вклучува тешка артилерија, ракетни системи и авијација – рече Подољак. Тој го повтори повикот на Украина за повеќе оружје од Западот, велејќи дека „целосниот недостаток на еднаквост“ меѓу руската и украинската армија е причината за големиот број украински жртви.