Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од Грузија со 0-3 во мечот од третото коло на Лигата на нациите, одигран вечерва пред слабо посетените трибини на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Селекторот Благоја Милевски го почна натпреварот со истиот офанзивен состав што играше и против Бугарија (1-1) во Разград. „Црвено-жолтите“ имаа контрола врз играта во првото полувреме исполнето со прекршоци. По неколку удари од далечина на македонските фудбалери, Елиф Елмас имаше две прилики, но неговите обиди ги одбрани противничкиот голман Гиорги Лорија.
Грузијците во второто полувреме ги казнија промашувањата на Македонија, постигнувајќи ги погодоците преку Буду Зивзивадѕе во 52-та минута, Квича Кваратшкелија во 60-та минута и Отар Киетишвили во 84-та минута.
– Ја контролиравме играта педесетина минути, но по вториот гол паднавме и физички. Грузија физички е едно ниво над нас. Жално е што не постигнавме гол или два во тие 50 минути кога доминиравме. Ќе се обидеме да се консолидираме в недела – кажа Милевски на прес-конференцијата по мечот.
Ова беше важен дуел во трката за првото место во групата, кое носи пласман во повисок ранг од натпреварувањето за следната сезона, како и играње во плејофот за пласман на Европското првенство во 2024 година.
По три кола, Грузија е прва на табелата со девет бода, а Македонија е втора со четири, додека Бугарија има два, а Гибралтар еден бод.
Македонија в недела игра дома и со Гибралтар, а Грузија ја пречекува Бугарија. Во вториот вечерашен меч Бугарија ремизираше со Гибралтар на гости 1-1.