По усвојувањето на ребалансот, во најкраток рок ќе почне имплементацијата на новите антикризни мерки кои ќе бидат таргетирани, најавуваат од Министерството за финансии. Оттаму информираат дека во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, како и за субвенции за покачување на минималната плата, пари за зголемување на пензиите и дополнителни средства за субвенции за земјоделците.
– Грижата за граѓаните и економијата ќе продолжи, додека исто така ќе продолжи определбата за водење прудентна фискална политика, која е во насока на намалување на буџетскиот дефицит на среден рок ‘ се наведува во денешното соопштение од Министерството за финансии.
Оттаму појаснуваат дека со ребалансот, и покрај одреденото проширување на дефицитот, тој сепак е под нивото во 2021 година и значително под нивото од кризата 2020 година.
– На среден рок се планира стеснување на буџетскиот дефицит преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, мерки за намалување на сивата економија и за спречување; намалување и реструктурирање на буџетските расходи, кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите, промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд – велат од Министерството за финансии.
Со првиот пакет мерки, според Министерството за финансии, се амортизирани првите силни удари на кризата како спречувањето на ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените со што се спречени повисоки стапки на инфлација. Вредноста на досега спроведените мерки за сузбивање на ценовната и енергетската криза е околу 615 милиони евра.